Албанезе по нападот на плажата Бонди повика на обединување на граѓаните

Австралискиот премиер покрена иницијатива што ги повикува граѓаните од сите верски и општествени заедници на солидарност и заеднички добри дела по смртоносниот напад во Сиднеј.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе претстави владина иницијатива насочена кон обединување на локалната заедница по терористичкиот напад на плажата Бонди, во кој загинаа 15 лица. Кампањата има за цел да ја зајакне солидарноста и меѓусебната поддршка меѓу граѓаните во време на длабока траума за општеството.

Иницијативата, наречена „Мицва за Бонди“, ги повикува припадниците на сите вери и заедници да извршат по едно добро дело – без разлика колку мало – како симболичен, но колективен одговор на насилството. Според организаторите, идејата е преку заедничка акција да се испрати порака на човечност, сочувство и отпор кон омразата.

Како што пренесуваат австралиските медиуми, поимот „мицва“ во еврејската традиција означува чин на добрина или морална обврска. Иако може да се однесува на едноставни гестови, неговото значење, кога се практикува колективно, добива поширока општествена тежина.

Нападот на плажата Бонди, еден од најпознатите симболи на Сиднеј, предизвика шок и тага низ цела Австралија, по што властите најавија и дополнителни мерки за безбедност, но и активности за заздравување на заедницата.

Албанезе порача дека одговорот на насилството не смее да биде поделба, туку заедништво. Според него, токму преку солидарност и заемна поддршка општеството може да покаже дека екстремизмот нема да го разниша.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни