Алармантен пораст на семејното насилство во Прилеп

Досега се евидентирани 86, а лани, до декември, биле регистрирани 88 случаи на семејно насилство

Официјални податоци покажуваат дека во последната година во Прилеп сериозно е зголемен бројот на регистрирани случаи на семејно насилство.

Според податоците од прилепскиот Центар за социјални работи, за 10 месеци во Прилеп се пријавени жртви на семејно насилство колку за целата година лани. Досега се евидентирани 86, а лани, до декември, биле 88. Бројките се зголемуваат, главни жртви се жените, но не се изоставени ниту децата.

Според Центарот, во прашање е зголеменото пријавување на насилството. Но, според психологот Ана Алексоска која работи со жртви на семејно насилство, не е во прашање зголеменото пријавување. Жртвите повеќе се советуваат отколку што го напуштаат насилниот дом. Им треба меѓуинституционална поддршка.

-Според мене, ретко се пријавува семејното насилство. Почесто доаѓаат на психолошко советување за да се охрабрат и да најдат начини како да живеат во таа заедница. Многу е тешко да пријават и да излезат од таа заедница.  Потребна е институционална помош за жената да излезе од тој „круг“ и да живеее живот без насилство, вели Алексоска.

Невладината организација „Станица П.Е.Т.“ спроведува проект во кој се опфатени правна, психолошка, а од овој октомври и економска помош за жените-жртви на семејно насилство.

-Од овој месец почнуваме и програма за економско јакнење на жените, односно, онаму каде е потребно дооформување на образованието, поврзување со работодавци. Ако на една жена не и обезбедиме целокупна поддршка, психолошка, советување но и да се интегрира и на пазарот на трудот, не можеме да очекуваме таа сама да се избори и да излезе од кругот на насилството.За да може една жена да се охрабри, пред се, треба да има доверба во системот и тој да нуди интегрирана и сеопфатна поддршка. Многу е битно да се знае што потоа ќе прави таа жена, каде ќе оди откако би излегла од домот каде живее со насилен партнер. Затоа е клучна сеопфатната поддршка, објаснува Весна Шапкоски од невладината „Станица П.Е.Т.“.

Од прилепскиот Центар за социјални работи ги охрабруваат жртвите на семејно и родово базирано насилство да пријавуваат, уверувајќи дека помошта ќе стигне онаму каде што е потребна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни