Аларм за милијарда корисници: Нова измама ги напаѓа iPhone уредите

Нова измама ги таргетира корисниците на iPhone преку лажни покани во Календар. Експертите предупредуваат да не се клика на сомнителни линкови и советуваат како да се избришат опасните претплати.

Експерти за сајбер-безбедност предупредуваат на нова, софистицирана измама што масовно ги таргетира корисниците на iPhone, и тоа преку апликацијата Календар. Наместо класичен мејл со сомнителен линк, измамниците испраќаат лажни покани за настани кои изгледаат официјално и убедливо, со број на нарачка, детална сума или предупредување дека безбедноста на уредот е компромитирана. Целта е иста – да се создаде паника и корисникот да кликне на phishing линк преку кој ќе ги открие своите лични или банкарски податоци.

Овој метод станува сè почест бидејќи апликацијата Календар нема класичен филтер за спам како електронската пошта, што им овозможува на измамниците полесно да ги заобиколат безбедносните механизми на Apple. Понекогаш е доволен само еден клик на сомнителна нотификација за во позадина да се активира скриен претплатен календар преполн со лажни настани – нешто што просечниот корисник тешко може веднаш да го забележи.

Стручњаците советуваат никогаш да не се отвораат сомнителни покани и да не се клика на линкови во настани што не ги препознавате. Доколку веќе сте добиле ваква нотификација, проверете ги претплатените календари и избришете ги оние што не сте ги додале. На поновите верзии на iOS тоа може да се направи директно преку опцијата „Откажи претплата“, додека кај постарите верзии потребно е рачно бришење преку поставките за календар и сметки.

Експертите нагласуваат дека најсилната заштита останува внимателноста – ако некој се обидува да комуницира со вас преку календарски настан без јасна причина, тоа е сериозен знак за претпазливост. Во време кога измамите стануваат сè покреативни, една непромислена секунда може да значи загуба на чувствителни податоци или пристап до банкарска сметка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни