Акушерки од Македонија се обучуваа за напредни техники на природно породување во Грција

Преку меѓународна програма за доживотно учење во Флорина, македонски акушерки стекнаа напредни клинички вештини и практично искуство во современа мајчинска грижа.

Програмата за доживотно учење на англиски јазик „Advanced Clinical Skills in Labour and Childbirth“, која ја реализира Центарот за едукација и доживотно учење (KEDIVIM) при Универзитетот на Западна Македонија во Флорина (Лерин), Грција, претставува значајна иницијатива за интернационализација и прекугранична соработка во областа на мајчинската здравствена заштита.

Во рамки на програмата беше спроведена практична обука со физичко присуство во Лабораторијата за симулации при Катедрата за акушерство, каде што акушерки од Република Северна Македонија се обучуваа за напредни клинички техники, со посебен акцент на природното породување и современите акушерски практики. Преку комбинирана теоретска и практична едукација, учесничките стекнаа знаења и вештини кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на здравствените услуги во установите каде што работат.

Научниот раководител на програмата, вонредниот професор Димитрис Папуцис, истакна дека учеството во оваа специјализирана обука претставувало „исклучително плодотворно и креативно искуство“, нагласувајќи дека фокусот бил ставен на развој и зајакнување на напредни акушерски вештини преку hands-on практична обука и современи методи на природно породување.

Тој додаде дека размената на знаења и добри практики има клучна улога во зајакнување на професионалната улога на акушерките и унапредување на квалитетна мајчинска грижа на меѓународно ниво, истакнувајќи ја важноста од регионална соработка и поврзаност меѓу здравствените професионалци на Балканот.

Програмата се реализира со поддршка на Fetal Medicine Foundation (FMF) и професорот Кипрос Николаидис, како и со поддршка од Грчката амбасада во Скопје, Светската здравствена организација (СЗО) и Здружението на акушерки на Република Северна Македонија. По завршувањето, учесничките ќе добијат сертификат за специјализација и европски призната стручна обука.

За значењето на оваа иницијатива се осврна и амбасадорката на Грција во Скопје, Софија Филипиду, која упати честитки до Универзитетот на Западна Македонија и партнерските институции, нагласувајќи дека обезбедувањето висококвалитетна мајчинска грижа е приоритет за грчката надворешна политика, особено во балканскиот регион.

Таа потсети и на меморандумот за соработка од 2022 година меѓу Министерството за надворешни работи на Грција, Fetal Medicine Foundation и Министерството за здравство на Северна Македонија, во рамки на кој на Универзитетската клиника за акушерство и гинекологија во Скопје е воспоставена современа единица за фетална медицина и пренатална нега.

Слични едукативни активности се најавени и во наредниот период, со вклучување на акушерки од други балкански земји, со што дополнително ќе се прошири регионалната научна и стручна соработка во областа на мајчинската здравствена заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни