АКТО 2025: Дваесет години независна култура, прашањето останува – „Како се прави?“

20. издание на АКТО годинава ќе се случи од 2-5-ти Октомври во киното на Железничката зграда (улица Борка Талевски 26, Скопје). Фестивалот за современа уметност и културна акција инициран и основан во Битола, ја слави својата дваесетгодишнина, отворајќи го прашањето што секогаш го дефинирало: како се опстанува како независен фестивал?

АКТО е фестивал на современа уметност и културна акција кој две децении ја истражува независната културна сцена. Негова суштина е спојот на локалното и меѓународното, на уметноста и граѓанската акција, на јавниот простор и заедницата. Со својата истрајност, АКТО стана симбол на отпорност и постојано преиспитување на прашањето „како се прави независна култура?“.

Филип Јовановски: Континуитетот како победа

„Како се прави е најточното прашање,“ вели Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО од неговите почетоци.

„Како се прави независен фестивал 20 години, надвор од институциите, но сепак институција за себе?“
На некој начин со темата која ја отвараме годинава сакаме да одговориме на тоа прашање. Како работите се прават? Како се трае? Искрено не го знам одговорот (до крај) и затоа го правиме 20-то издание. 

Поканивме неколку иницијативи, уметници, куратори, наши долгогодишни партнери да зборуваат за процесите на издржливост. Како нештата се прават да траат (надвор од институционалниот систем)?

Траеме, значи сме живи, значи сме отпорни икршливи, значи може одма да не снема.“

Годинава тој ја отвора темата на издржливост: како се прават работите за да траат. „Континуитетот е само друг збор за победа”, се потсетува Јовановски на реченицата на Мирко Попов во интервјуто за публикацијата на 15 АКТО  во 2020 година.

Со овогодинешното мото „Годините се само бројка“, фестивалот ја истражува моќта на истрајноста и ја претвора во програмска нишка.

За него, фестивалот е жив механизам: „АКТО е структура создадена од живи луѓе, од релации. Тоа некако ме радува. АКТО цело време се менува добива  нови форми и луѓе. Можеби само така се прават работите да траат.

Димитар Милев: Органските соработки како двигател

Димитар Милев е архитект и урбанист кој во АКТО ја гледа можноста за спојување на просторот и заедницата. „Најважни се соработките што се создаваат органски, кога ентузијазмот природно се препознава и е доволно силен за да создаде атмосфера каде што луѓето учат едни од други,“ вели тој.

За Милев, токму овие односи носат вистинска промена: „Само така си даваме храброст да одиме понатаму, што во овие услови е исклучително важно.“



АКТО, според него, отсекогаш бил мост меѓу локалното и меѓународното – простор каде што се преплетуваат иницијативи од Битола и Скопје со партнери од Берлин, Прага или Загреб. „Само со таа комбинација можеме да создадеме различни приказни што ќе допрат до домашна и странска публика.“

Екатерина Добривојевска: Чувствителност на времето и местото

Архитектката Екатерина Добривојевска е дел од тимот на ФРУ/АКТО последните години. Таа ја нагласува истрајноста како вредност што мора да се зачува: „Фестивалот веќе две децении е посветен на современата уметност. Сакам да се зачува идејата за прилагодување и толкување на контекстот, да сме чувствителни на времето и местото и секогаш да го вплетуваме во програмата.“

Токму оваа отвореност овозможува АКТО постојано да се менува: „Со свежи идеи, нови формати и отвореност кон публиката можеме да се прилагодуваме и да промениме што и да посакаме.“

Мартина Пенева: Интердисциплинарноста како суштина

Мартина Пенева, мултидисциплинарна уметница и диџеј, ја гледа иднината на АКТО во неговата интердисциплинарна суштина. „АКТО го носи интердисциплинарниот дух уште од почетоците. Тоа е неговата суштина,“ вели таа.

„Интердисциплинарноста не е само премостување меѓу различни уметнички јазици. Таа е став – гради заедници, создава нови простори за дијалог и ја замислува иднината поинаку. Верувам дека АКТО ќе остане простор на радикална имагинација што го преиспитува статус квото.“

Калина Трајановска: Учиме преку искуство

За Калина Трајановска, која неодамна го  заврши програмот по урбани студии во Естонија, АКТО е простор за учење преку искуство. „Ќе научиме дека 20 години културен опстанок не се слават, се работат,“ вели таа.

Оваа година фестивалот ќе отвори старо кино во железничката зграда, а Трајановска гледа на тоа како на враќање на меморијата: „Зградите не се само позадина, тие се живи тела со своја меморија. Ако би зборувале, ќе слушнеме урбани трауми, заборавени надежи и прекинати разговори.“

„Зборови како ‘екологија’, ‘утопија’ и ‘солидарност’ ќе ги видиме на маса – во готвење, во разговор, во филм, во гест,“ додава таа.

Стефан Танков: Реактивирање на јавните простори

Графичкиот дизајнер и архитект Стефан Танков ја нагласува граѓанската димензија на АКТО: „Освен фестивал на современи уметности, АКТО е активатор на заборавени јавни простори. Ги реактивира преку нудење нова перспектива, не само како физички објекти, туку како места со дух на заедништво.“

Танков ја гледа оваа улога како клучна: „АКТО е граѓанска акција која се манифестира како културен настан. Резултира во старо-нови простори за учење, творење, дружба.“

Мартина Даниловска: Предизвик, училиште и заедница

Младата актерка Мартина Даниловска е дел од АКТО веќе три години. За неа, фестивалот е повеќеслојно искуство: „АКТО е сите три одеднаш – предизвик, училиште и заедница,“ вели таа.

„Предизвик затоа што секое ново издание носи различни задачи. Училиште затоа што научив нови нешта од колегите, но и анегдоти за Азнавур или Годар. А најмногу од сѐ – заедница во која растам, низ сите годишни времиња и состојби што ги поминуваме во нашите кина, пошти, улици, паркови.“

Поглед кон следните 20 години

АКТО 2025 не е само прослава, туку отворено прашање. Фестивалот продолжува да ја истражува границата меѓу уметноста, јавниот простор и граѓанската акција.

Како што вели Калина Трајановска: „Вредноста не е во тоа да имаме одговори, туку во тоа што не престанавме да поставуваме прашања.“

И можеби токму тоа е клучот на неговата издржливост: постојано прашање, постојан дијалог, постојано отворање на простори – и буквални, и симболички.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни