Предупредување од срцето на Глобалниот север
Кога канадскиот лидер вчера излезе пред светската јавност и јавно призна дека светот не се движи низ мирна транзиција, туку минува низ длабоко расцепување (руптура), тоа не беше аларм од периферијата на светот. Тоа беше порака од држава која со децении била дел од јадрото на глобалниот поредок, која профитирала од неговата стабилност и активно учествувала во неговото одржување. Токму затоа ова признание има тежина што оди далеку над националниот контекст.
Пораката е непријатна, но јасна. Стариот систем повеќе не функционира како порано, а продолжувањето да се зборува за него како да е жив создава лажно чувство на сигурност. За малите и средни држави, оваа разлика меѓу јазикот и реалноста носи директни последици.
Светот да престане да се преправа
Во сржта на говорот стои констатацијата дека т.н. поредок заснован на правила денес опстојува повеќе како реторика отколку како ефикасен механизам на заштита. Големите сили сè поотворено ги користат трговијата, енергијата, финансиските системи и технолошката зависност како инструменти за политички и економски притисок. Она што со децении се претставуваше како заемна корист од глобалната интеграција, сè почесто се претвора во асиметрична зависност.
Во таков свет, повикувањето на принципи без реална способност тие да се бранат не носи стабилност. Напротив, создава илузија зад која ранливоста станува поголема.
Живеење во лага како меѓународна практика
Говорот користи едноставна, но прецизна метафора. Системите често не опстојуваат затоа што се вистинити, туку затоа што сите учествуваат во нивното одржување, иако знаат дека не функционираат. Државите продолжуваат да се однесуваат како правилата да важат, додека реалните одлуки одамна се носат според сила, интерес и притисок.
Ова однесување денес е јасно видливо и на глобално ниво. Се зборува за принципи, додека последиците ги чувствуваат оние што немаат капацитет да се заштитат. Таа разлика меѓу декларраното и праксата станува сè поопасна за оние што се надвор од центарот кој одлучува.
На масата или на менито
Реченицата „ако не си на масата, тогаш си на менито“ не е реторичка фигура, туку опис на реалноста. Масата е просторот каде што се носат одлуки, каде што се дефинираат правилата и каде што се договараат компромиси. Менито е местото каде што се распределуваат товарите, ресурсите и последиците без право на глас.
За државите што немаат доволна економска, воена или институционална тежина, оваа разлика не е апстрактна. Таа директно ја одредува нивната позиција во меѓународните односи.
Балканот како простор на туѓи одлуки
Балканот ретко бил субјект на одлучување кога бил надвор од јасни и стабилни структури. Историски, регионот често бил простор каде што се вкрстуваат туѓи интереси, а локалните приоритети останувале споредни. Денес, во услови на засилена геополитичка конкуренција, овој модел повторно станува видлив.
Интересите на различни глобални актери не мора секогаш да се спротивставени, но речиси секогаш се надредени на потребите на земјите во регионот. Недефинираната позиција не носи слобода, туку ја олеснува интервенцијата.
Македонија и илузијата на самодоволност
Во ваков контекст, Македонија нема простор за илузии за стратешка автономија. Пораката што произлегува од говорот е јасна. Дури и за силни и богати држави, автономијата е скапа и тешко одржлива. За мала економија, со ограничен пазар и без значајна воена моќ, идејата за балансирање меѓу блокови не претставува сигурност.
Таквата позиција не создава простор за маневрирање, туку ја зголемува изложеноста на притисоци што доаѓаат без јасни правила и без заштитни механизми.
Европската Унија како простор на учество
Во оваа рамка, пристапувањето кон Европската Унија не е романтична цел и не е ветување за совршенство. Тоа е практичен механизам за излез од позицијата на објект. Членството значи учество во процесите каде што се креираат правилата, пристап до колективна економска и институционална тежина и намалување на просторот за директна уцена.
Со други зборови, тоа е замена на индивидуалната слабост со заедничка моќ.
Што значи да се остане надвор
Фрустрацијата од бавниот и често неправеден процес на проширување е разбирлива. Но светот не мирува додека земјите чекаат. Одложувањето не ја зачувува позицијата, туку постепено ја слабее. Надвор од Европската Унија, државите не стануваат послободни, туку поизложени на селективни инвестиции, ад хок договори и притисоци што ретко се предмет на јавна контрола.
Масата не е удобна и бара компромиси, но да се биде на менито е уште пострашно.
