Во интервју за Euronews таа порача дека Европската унија мора да остане присутна во регионот.
„Ако ние не сме таму, кој ќе биде?“ изјави Шуица. „Свесни сме дека таму се Кина, Русија и други земји со свои интереси, но Европа сака да биде присутна. Ние сме најголемите финансиери на овие земји и не сакаме да бидеме само финансиери, туку и играчи“, додаде таа.
Критики и амбиции за нов модел на партнерство
Откако иницијативата беше претставена во Брисел пред неколку недели, критичарите стравуваат дека новиот пакт би можел да ги повтори грешките од претходните евромедитерански политики, кои често не ги исполнија целите и имаа ограничено влијание.
Шуица вели дека овојпат целта е вистинско партнерство. Европската комисија, според неа, консултирала влади, академски кругови, тинк-тенкови и граѓански организации. Целта е зајакнување на економиите на јужните соседни земји и отворање нови работни места, со што би се адресирале корените на миграцијата.
„Не сакаме одлив на мозоци, туку циркулација на знаење. Да им дадеме можност на образованите и квалификуваните да дојдат во ЕУ, но истовремено да останат и да ги развиваат своите земји“, објасни Шуица.
Енергија и декарбонизација како нова можност
Дополнителен простор за продлабочување соработката е енергетската политика. „Сакаме да го декарбонизираме регионот од нашата страна, но ако јужниот Медитеран не користи исти стандарди, морето и регионот повторно ќе бидат загадени“, рече Шуица.
Според неа, со заедничка акција „се постигнува четирикратна добивка: отворање нови работни места, развој на земјите, декарбонизација на регионот – сè е таму“.
Можна улога во „Советот за мир“ на Трамп
Шуица проговори и за напорите за стабилизација на Блискиот Исток и обновата на Газа. Таа тврди дека ЕУ треба да има место во контроверзниот „Совет за мир“ предложен од американскиот претседател Доналд Трамп во неговиот план од 20 точки.
„Ние сме не само најголеми донатори, туку и вистински играчи. Ние сме најблиските соседи, затоа сметам дека треба да имаме место во тој совет“, рече Шуица.
На прашањето дали ЕУ веќе добила официјална покана од Трамп, таа одговори: „Да почекаме.“
Очекувањата се темата да се најде на маса на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел на 20 ноември.
Истата вечер, Шуица и палестинскиот премиер Мохамад Мустафа ќе копретседаваат со групата донатори за Палестина, со учество на околу 60 делегации.
Фокус на Палестинската самоуправа и финансиската криза
Шуица изјави дека групата ќе се насочи кон тоа што Европската унија може да направи за „зајакнување“ на Палестинската самоуправа (ПА), институцијата која управува со делови од Западниот Брег.
ЕУ е најголемиот донатор на Палестинците, но најголем дел од средствата за ПА зависат од напредокот на економските и управувачките реформи.
Во меѓувреме растат загриженоста и критиките дека Израел ги доведува палестинските територии до финансиски колапс преку задржување на даночните приходи што ѝ следуваат на Палестинската самоуправа, што експертите на ОН го нарекуваат „финансиско гушење“.
„Ни треба Израел да ги ослободи даночните приходи за палестинскиот народ, што во моментов не се случува“, нагласи Шуица.
