Го пренесуваме соопштението на Академски пленум поврзано со последните случувања во Србија и протестите поттикнати од падот на настрешницата во Нови Сад, каде загинаа 16 луѓе.
Власта планира откривање споменик по повод годишнината од падот на настрешницата – со намера за предизвикување масовни судири
Според доверливи извори на Академскиот пленум, сегашната власт планира на 1. ноември да подигне споменик во чест на шеснаесетте жртви кои загинаа при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад — што е намерна провокација за предизвикување судири од големи размери. Градоначалникот на Нови Сад, Жарко Миќин, во јули ја најави оваа иницијатива, а сега настојува да ја реализира токму на годишнината од убиството на 16 луѓе.
Со цел да избегне расправа во Градското собрание, нема да биде закажана седница за обезбедување буџетски средства за споменикот, туку неопходниот износ ќе се извлече од буџетската резерва, само со потписот на градоначалникот Миќин. Оние чии коруптивни дела одзедоа 16 животи планираат токму една година по падот на настрешницата да организираат голем партиски собир под паролата за подигање споменик и одавање почит — со носење активисти, уценети и платени лица во Нови Сад.
Властите се свесни за огорченоста и бесот на жителите на Нови Сад поради трагедијата и дека тие нема да дозволат оваа претстава да продолжи. Според Пленумот, тоа може да биде вовед во сериозни судири на улиците низ Нови Сад и целиот регион.
Академскиот пленум го повикува Александар Вучиќ да се откаже од овој монструозен план и наместо тоа да распише избори. Доколку остане при својата намера, ќе го зголеми списокот на причини за кои ќе мора да понесе одговорност заедно со своите соработници.