Онлајн платформата за изнајмување сместување Airbnb соопшти дека вовела мерки засновани на машинско учење кои идентификуваат и блокираат високо ризични резервации на сместување.
Технологијата го следи времетраењето на патувањето, видот на огласот, далечината од локацијата на гостот и времето кога е направена резервацијата за да се утврди дали претставува ризик.
Ако се покаже дека се работи за лажно претставување, платформата или ја блокира резервацијата или ги пренасочува корисниците кон алтернативно сместување.
Американската компанија ги воведе ограничувањата во 2020 година и тврди дека од тогаш бележи значителен пад на приговорите на одржани забави. Airbnb објави дека само минатата година околу 74.000 луѓе биле блокирани при резервација.
Мерките ќе важат ширум светот до Новата година и ќе се применуваат за изнајмување на едно до три ноќевања.
Гостите мора да потврдат и дека разбираат дека се забранети илегални или гласни журки на Airbnb и дека можат да бидат избркани од платформата ако не се придржуваат до ова.