AirBNB долго време беше омилена платформа за сместување во големите градови со цени, најчесто поповолни од тие од хотелите. Но, таа платформа го загрозува пазарот за станови во Германија.
Ова лето Германија имаше огромен број на туристи, почнувајќи со Европското фудбалско првенство, па потоа концертите на Тејлор Свифт и Адел. Фановите од цел свет патуваа во Германија и бараа најповолно место за сместување.
Во градовите како Минхен, Гелзенкирхен или Диселдорф, милиони туристи изминатите месеци потошиле милиони евра на храна, пијалаци и сместување. Тоа носи профит за германските хотели во кои во јуни имало три отсто повеќе гости отколку во истиот месец минатата година, но сепак најголем профит имале AirBNB.
Ингрид Хартгес, директорка на Германскиот сојуз на хотели и ресторани, вели дека немало некоја преголема добивка оваа година, бидејќи поради одржувањето на еден голем настан многу други помали се поместуваат или откажуваат. На пример, за време на Европското првенство во фудбал имало помалку конгреси и семинари од обично.
Но, со такви проблеми не се соочува AirBNB. На платформата преку која се изнајмуваат и приватни станови, бизнисот цвета. За време на големите манифестации сместувањето кое се нуди преку оваа платофрма е многу барано, најмногу поради тоа што гостите може сами да готват и да заштедат на храна.
Поради таквите можности, побарувањето за сместување преку платформата во Минхен, каде што Тејлор Свифт имаше два концерта во јули, во споредба со минатата година имало 600 отсто повеќе закажувања. Во Гелзенкирхен, во рурската област, град кој не е најпосетуван од туристи, за време на нејзините три концерти побарувачката за сместување се зголемила за 7000 отсто.
Фалк Ерфкамп и Никлас Кун кои ги издаваат своите станови на AirBNB велат дека огромната побарувачка води кон повисоки цени и со тоа поголема заработка.
„Нормален обрт по стан кај нас изнесува помеѓу 2500 и 3000 евра. За време на Европското првенство имавме станови кои остваруваа обрт од шест до седум илјади евра“ велат тие.
Кога побарувачката е поголема од понудата, на туристите не им останува ништо друго освен да бараат сместување во предградијата, што доста често им пречи на локалните жители.
Една студија на германскиот институт за економски истражувања покажува дека растот на кириите во земјата е една од последиците од популарноста на AirBNB. Бидејќи се повеќе станови сега се користат за изнајмување на туристи, а помалку за изнајмување за живеење. Поради тоа многу градови во Германија размислуваат да ја забранат или ограничат оваа платформа на своајта територија.
Извор: РТС