Актерката Анила Биша најави тужба против Владата на Албанија, тврдејќи дека нејзиниот лик бил искористен без согласност за дигиталниот „министер“ за јавни набавки создаден со вештачка интелигенција.
Според нејзината изјава, таа ќе ги тужи Албанскиот совет на министри, државната компанија „Апел“, Националната информативна агенција и премиерот Еди Рама пред Управниот суд во Тирана. Бара привремена мерка – суспензија на „министерот“ со име „Диела“ до донесување конечна судска одлука, објави Balkan Insight.
Договор за асистент, не за министер
„Диела“ беше претставена од премиерот Еди Рама во септември минатата година како иновативен чекор во борбата против корупцијата, непотизмот и конфликтот на интереси во јавните набавки.
Претходно, истото лице и глас се користеле како дигитален асистент на државниот портал e-Albania.
Биша тврди дека имала договор нејзиниот лик и глас да се користат исклучиво за дигитален асистент, но не и за функција што симболично претставува министерска позиција.
„Потпишав договор за користење на мојот лик како дигитален асистент, не како ‘министерка’. Бараме блокирање на Диела додека трае судската постапка“, изјави таа.
Според актерката, институциите имале обврска да ги заштитат нејзините лични податоци, вклучително и ликот и гласот.
Владата: Тужбата е бесмислена
Од Агенцијата за медиуми и информации ги отфрлија обвинувањата како неосновани.
„Албанија е слободна демократска земја. Сметаме дека оваа тужба е бесмислена, но ја поздравуваме можноста случајот да се реши на суд“, изјави за БИРН генералниот директор Мањола Хаса.
„AI министерот“ предизвика големо внимание и во меѓународните медиуми, но и критики во албанската јавност – особено во однос на правните и етичките аспекти на користење дигитално генерирани личности во државна администрација.
Случајот отвора пошироко прашање: каде завршува дигиталната иновација, а каде почнува злоупотребата на идентитет?