Аеродромот кој ќе испрати само 35 авиони до крајот на август: најтажната писта во Европа

Можете ли да замислите аеродром со бесплатен паркинг, одлична поврзаност со дури четири автопати, а речиси без патници?

Станува збор за аеродромот Касел-Калден, кој многумина веќе го нарекуваат најтажниот аеродром во Европа.

Додека Франкфурт, Минхен и Берлин се справуваат со летниот туристички метеж, на северот на покраината Хесен владее злокобна тишина. До крајот на август, од овој аеродром ќе полетаат вкупно само 35 авиони – не дневно, туку воопшто, пишува Fenix Magazin.

„Престижниот проект“ што тоне во загуби
Изградбата на Касел-Калден чинеше околу 340 милиони евра, најмногу од јавни средства. По 11 години постоење, резултатите се повеќе од поразителни: во 2023 година, просекот бил едвај 227 патници дневно. На аеродромот моментално слетуваат само три мали авио-компании, а се лета само кон четири дестинации – Палма де Мајорка, Болцано, Силт и Узедом.

Аеродромот има 1.400 бесплатни паркинг-места и е поврзан со четири автопати – но ниту патниците, ниту авио-компаниите не ги привлекле овие поволности.

„Ова е класичен пример на политички мегаломански проект без никаква економска логика“, изјави економскиот аналитичар Клаус Вебер за германскиот Bild. „Но никој не сака да го затвори – тоа би било признавање на огромна грешка.“

Од вработени: 2.387. Од патници: речиси ништо
Единствениот позитивен аспект, според локалните власти, се работните места. Над 2.300 луѓе се вработени на аеродромот и во придружните фирми. Затоа некои политичари и натаму тврдат дека проектот е „исплатлив“.

Но, додека на аеродромот во Франкфурт слетуваат и полетуваат околу 590 летови дневно, Касел-Калден наликува на скап музеј на транспортна инфраструктура. Минатата есен дури и протестот на еколошката организација „Letzte Generation“ поминал незабележано – едноставно немало никој што би го видел.

Ќе стане ли некогаш исплатлив?
Првичните планови од 2013 година предвидувале околу 700.000 патници годишно и профит до 2020 година. Наместо тоа, градот Касел, покраинските власти и државата и понатаму годишно вложуваат милиони евра само за да се одржуваат пистите.

Најдобриот коментар доаѓа од еден од ретките патници што неодамна го користеле аеродромот:
„Чекањето е кратко, паркингот е бесплатен, нема метеж… но некако ми е жал што сум единствениот во чекалната.“

Сѐ додека политичарите го одржуваат во живот, граѓаните ќе ја плаќаат цената – за еден од најголемите „бели слонови“ на германската инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни