Сите полетувања од Аеродром Берлин Бранденбург се привремено суспендирани поради свеж снег и ледена дожд што го зафатија регионот на германската престолнина, соопшти управата на аеродромот.
Од аеродромот информираат дека авионите моментално не можат безбедно да се подготват за полетување, бидејќи условите за одмрзнување се отежнати – дождот што паѓа веднаш се замрзнува на леталата.
„Во моментов нема полетувања од аеродромот Берлин Бранденбург поради временските услови“, соопшти аеродромската управа, додавајќи дека ограничувањето засега се однесува само на поаѓањата.
Според официјалните информации, слетувањата на пристигнувачките летови сè уште се дозволени, но не е познато колку долго ќе трае прекинот на полетувањата. Патниците се предупредени да очекуваат откажувања и значителни доцнења и да го проверат статусот на своите летови директно кај авиокомпаниите.
Германската метеоролошка служба (DWD) издаде предупредување за висок ризик од опасни ледени услови во Берлин и околината, поради комбинацијата од ледена дожд и ниски температури. Според метеоролозите, ваквите услови значително го зголемуваат ризикот за авио-сообраќајот, но и за патниот сообраќај во градот.
Временските непогоди доаѓаат во период на зголемено патување, што дополнително го усложнува функционирањето на транспортната инфраструктура во германската престолнина.
