На 12 август, светот го слави Меѓународниот ден на младите, ден што треба да биде симбол на надеж, поддршка и визија за иднината. Но, за младите во земјава, овој ден звучи како иронично потсетување на реалност исполнета со разочарување, системска негрижа и чувство на невидливост.
Новата анализа на „Хера“ ги покажува бројки што говорат гласно за тоа зошто младите ја губат вербата, надежта и интересот за останување и вклучување. Наместо инспирација, оваа генерација сè повеќе чувствува исцрпеност, изолација и отуѓеност. Анализата е потсетник на системска занемареност, ограничени перспективи и хронична институционална негрижа.


Младите се изгубени во систем кој не ги препознава
Најпрво, алармантен е податокот дека 23,7% од младите на возраст од 15 до 29 години не се вработени, не се образуваат, ниту пак се во процес на обука. Овој процент е далеку над европскиот просек и укажува на системско отсуство на координирана младинска поддршка. Тоа значи дека секој четврти млад човек е надвор од сите формални општествени текови – невработен, необразуван, и невклучен.
Во ваков контекст, не е изненадување што 62% од младите би ја напуштиле земјата доколку им се укаже шанса, а 77% од нив не размислуваат за враќање. Овој тренд на трајна миграција, кој расте со секое ново истражување, го претвора иселувањето од привремено решение во трајна стратегија за преживување.
Институционална невидливост и изгубена доверба
Секој обид за вклучување на младите во општествените процеси се соочува со еден централен проблем: недоверба во институциите. Повеќе од 51,4% од младите сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби. Само 1,1% имаат позитивно мислење за односот на властите кон младите – податок што ги надминува дури и најлошите очекувања.
Дополнително, три четвртини од младите (73,7%) никогаш не биле консултирани од локални или национални институции при донесување одлуки, што ги исклучува од процесите на креирање политики. Иако Законот за младинско учество е во сила од 2020 година, неговата реализација е минимална: само 19 општини имаат младински совети, а само 7 имаат локални стратегии за млади.

Ментално здравје и културна изолација – скриени кризи
Сè поизразена е и кризата на менталното здравје кај младите, особено кај девојчињата. Истражувањата покажуваат дека 64% од 15-годишните девојчиња чувствуваат психосоматски тегоби најмалку еднаш неделно, а 53% се соочуваат со депресивни состојби. Системот не нуди соодветна поддршка – нема доволно психолози, нема локални служби, нема безбедни простори каде младите можат да разговараат и да добијат помош.
На ова се надоврзува и недостигот од јавни простори, културни програми и неформално образование, што ја засилува изолацијата. Дури 74,4% од младите не припаѓаат на никаква организација или иницијатива, што дополнително ја гаси нивната социјална поврзаност и ангажман.

Младите се активни – но системот не ги препознава
И покрај овие предизвици, младите сепак изразуваат желба за учество: 78% не веруваат дека политиката е само за политичарите, а над 70% не сакаат да молчат за политичките случувања. Ова укажува на постоење на латентен активизам, кој системот не го препознава ниту го поттикнува.
Меѓутоа, од оние млади што сепак се обидуваат да решат некој општествен проблем, само 28,6% успеваат, додека 52,4% ретко, а 17,5% никогаш не успеваат. Ова ја потврдува хипотезата дека системот не е создаден за да го слуша и вреднува младинското учество.

Песимизам, авторитаризам и нетолеранција – опасна комбинација
Расте и чувството на песимизам меѓу младите: само 17% сметаат дека земјата се движи во вистинска насока, додека половина веруваат дека ситуацијата ќе се влоши во следните пет години. Падот на надежта за членство во ЕУ е исто така симптоматичен – првпат повеќе млади не веруваат дека ќе станеме членка на ЕУ, отколку што веруваат.
Во ваков контекст, зачудувачки, но логичен е и порастот на авторитарни и нетолерантни ставови. Дури 81% од младите сметаат дека земјата ѝ треба лидер со „цврста рака“, а 54% не сакаат ЛГБТ лица во политика – раст од 19% во само две години. Слично, 29% сметаат дека мажите се подобри политичари од жените. Ваквите ставови сигнализираат дека младите, чувствувајќи се небезбедно и незаштитено, се повлекуваат кон поедноставени, често радикални ставови, што е сериозна алармна лампа за демократските процеси.

Локалната власт – првата линија на промена
Решенијата мора да започнат од локално ниво. Во пресрет на претстојните избори, потребно е партиите и кандидатите да вклучат млади во креирањето на програмите, а не да им се обраќаат декларативно, само во предизборни кампањи.
Потребни се:
- Функционални младински совети во секоја општина.
- Буџет за младински политики со младинско учество.
- Младински центри, достапни простори и менторски програми.
- Локални служби за ментално здравје.
- Вклучување на младите во сите фази на локалните стратегии.

Младите се сегашноста, не само иднината
Mладите се систематски исклучени, економски ранливи, ментално преоптоварени и политички незастапени. Но, тие не се пасивни. Тие бараат шанса, глас, простор и партнерство. Време е институциите, медиумите и политичарите да престанат да ги третираат младите како симболичен хаштаг и да почнат да ги третираат како рамноправни партнери. Без нив, нема да има ни демократија, ни напредок, ни ЕУ-перспектива.
Политиките што ги игнорираат младите денес, ја уништуваат перспективата за утре. Ако сакаме општество со иднина, мораме да инвестираме во младите не декларативно, туку реално, системски и долгорочно. Не е прашање дали младите заминуваат. Прашањето е што правиме ние за да останат? Тие не можат вечно да чекаат. Државата нема втор обид да ја врати нивната доверба.