Иницијативата SupportKocani, денес го објави својот транспарентен извештај за реализацијата на донациите заклучно со 5 јуни 2025 година.
„До денес, над 600.000 евра се префрлени директно на сметките на семејствата кои претрпеа најголеми загуби. Оваа бројка не е само финансиски податок – таа е симбол на заедништво, сочувство и солидарност“ велат од Иницијативата.
Тие додадваат дека покрај директните донации, граѓани, компании и организации се вклучија и со дополнителна помош.
„Над 2 милиони денари се собраа преку индивидуални донации. Општата болница во Кочани доби дополнителна поддршка од 2.671.116 денари, со што значително се подобрија условите за третман на повредените. Но, вистинската сила на оваа иницијатива се гледа и преку конкретната опрема и помош што беше обезбедена: Донирана е хипербарична комора – клучна за лекување на тешки повреди. Инсталирани се 10 клима уреди во болницата. Создадена е целосно опремена просторија за физикална терапија. Обезбедени се над 400 специјални лепенки за третман на изгореници. Доставени се над 500 медицински артикли, вклучувајќи лекови, креми и помагала. Повредените добија 113 ваучери за онлајн шопинг со вкупна вредност од 20.000 евра“ наведуваат од Support Kocani.