Вкупно 33 краткометражни филма во три натпреварувачки категории ќе бидат прикажани на 4. издание на Галичник филм фестивал што ќе се одржи од 4 до 6 август во живописното село на планината Бистра. Ревијално ќе биде прикажан и долгометражниот филм „Нешто слатко“ со Сашко Коцев и Јелена Јованова во главните улоги со кој ќе биде затворен фестивалот.
– Галичник филм фестивал полека, но сигурно станува значајна платформа за филмаџиите и љубителите на филмот, привлекувајќи учесници и гледачи од земјата, регионот и пошироко. Годинава покрај филмските проекции ќе се одржат различни работилници, разговори и мастер класови, поттикнувајќи збогатена средина за размена на идеи и стекнување на знаења за учесниците, како и контакти меѓу професионалците од индустријата и аспиранти-филмаџии – велат организаторите.
Дејан Дуковски ќе ја предводи Балканската сценаристичка работилница, а на Андреј Волкашин ќе му припадне Мастер класот за разработување на тв-серии. За наградите ќе одлучува жирито во кое ќленуваат Сашко Коцев, Георги Унковски и Елена Станишева. Фестивалот е поддржан од Агенција за филм и Халкбанк.