30 000 луѓе излегоа да протестираат на Славија

Со огромна масовност и јасна порака, неколку десетици илјади граѓани, студенти, актери и земјоделци попладнево се собраа на белградскиот Плоштад Славија, на протест каков што не се памети во изминатите години.

Протестот, кој траеше околу два часа, беше исполнет со постојано свирење свирчиња, извици против претседателот и транспаренти со силни пораки. Во 16:30 часот, со петнаесетминутно молчење, учесниците им оддадоа почит на 15-те жртви од трагедијата на Железничката станица во Нови Сад, која ги обедини луѓето во борба за одговорност и правда.

Плоштадот Славија и сите околни улици беа преплавени со народ, со што се создаде слика на непокорен град кој бара промени. Од центарот на плоштадот, крајот на реките луѓе не можеше да се види. Некои демонстранти се искачуваа на фонтаната, од каде што го снимаа масовниот собир, но и поставуваа транспаренти. Највпечатлив беше оној со натписот: „Рацете ви се крвави“.

Меѓу транспарентите доминираа и пораки како „Белград повторно е свет“, „Сите сме под настрешницата“ и „Генерален штрајк“, кои сведочеа за единството и решителноста на демонстрантите.

Министерството за внатрешни работи процени дека на протестот имало меѓу 28.000 и 29.000 луѓе, додека светските агенции јавуваат дека присуствувале десетици илјади, оценувајќи го како еден од најголемите протести во последните години.

Претседателот Александар Вучиќ се огласи околу 19 часот со видео на Инстаграм, тврдејќи дека се наоѓа во зградата на Претседателството. Тој го нарече собирот „извонредно голем протест на опозициски настроени луѓе“ и изјави дека секогаш е подготвен да ги чуе нивните мислења.

Во својот настап, претседателот додаде дека денот му бил напорен, но и дека во канцеларијата украсил новогодишна елка, обидувајќи се со саркастична нота да ја намали тежината на настанот.

Денешниот протест не само што испрати порака до власта, туку ја покажа моќта на обединетите граѓани кои преку масовноста и решителноста јасно порачаа дека промените се неопходни. Белград, барем за еден ден, повторно стана симбол на отпорот и единството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни