Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се одржа 29. Меѓународен научен собир на тема „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“, во рамки на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“. По тој повод неколку збора за манифестацијата и нејзиното значење за Трн напиша Весна Костовска, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

„Благоја Корубин, е благородниот лик од нашата понова историја којшто со својата дејност и определбата беше непосредно поврзан со својот народ, кому посветено и јасно му се обраќаше цели 35 години, редовно уредувајќи го популарното Јазично катче во весникот „Нова Македонија“.
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ веќе 29 години достоинствено го чествува ликот на најпознатиот од лингвистите меѓу народот. Оваа година, Меѓународниот научен собир „Денови на Благоја Корубин“, е посветен на „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“. Навистина горлива тема, којашто често се споменува како важен фактор за континуитетот на јазикот, со оглед што современите медиуми претставуваат 24-часовна присутност во општествената мисла.

Секоја наредна година, Собирот предизвикува сѐ поголем интерес на македонистите од Македонија, но и на странските лингвисти. Деновите на Благоја Корубин се централен годишен настан, кога од научен аспект се дискутираат и сумираат современите збиднувања на македонскиот јазик.
Радува фактот што последниве три години, Собирот претставува можност, со своите трудови и размислувања, да се соочуваат повеќе генерации македонисти. Младиот научен кадар што од неодамна се вклучи во работата на Институтот, успешно, со многу елан ја продолжува благородната мисија на Мисирков.
Македонскиот јазик ни е „жив и здрав“, колку што деновиве и годиниве Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ е жив, активен и современ! Македонистиката сега ја доживува својата преродба, и тоа е нашето светло секојдневие во Институтот за македонски јазик!“