„Речиси 900 000 луѓе во Европа во моментов се бездомници. Секоја вечер во Европа, населението на еден Марсеј или Торино е без дом“, изјави европскиот комесар за енергетика и домување Дан Јоргенсен на првиот состанок на Специјалниот комитет за станбена криза во Европскиот парламент, пренесува Европската новинска агенција (ЕНР).
,,Речиси 10 отсто од населението на Европската Унија троши 40% или повеќе од својот приход за домување и сродни трошоци”, вели Јоргенсен и додава дека во последните 15 години кириите во ЕУ реално пораснале за околу четвртина, а за околу половина цените на становите.
„Овие бројки и луѓето зад нив се суштината на станбената криза во Европа. И мислам дека ќе се согласите со мене: овие бројки се едноставно неприфатливи“, рече тој.

Данскиот комесар ги претстави своите планови да и помогне на ЕУ да реши еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјите-членки, односно станбената криза. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен назначи поранешен дански министер за енергетика да биде првиот комесар за домување, област каде ЕУ има мала директна моќ, за да обезбеди поддршка од социјалистите во Европскиот парламент за нејзиниот реизбор.
Признавајќи го овој факт, Јоргенсен истакна дека „поголемиот дел од одговорноста“ за домувањето е кај земјите-членки на ЕУ и регионалните и локалните власти, но тој исто така тврди дека има „простор за ЕУ на маса и дека може и треба да се направи многу“.
Јоргенсен рече дека Комисијата ќе го објави својот прв европски план за доделување на станови. Планот ќе понуди техничка помош за градовите и земјите-членки и ќе се фокусира на инвестиции и вештини. Комисијата ќе подготви Европска стратегија за домување за поддршка на снабдувањето со станови, ќе воспостави паневропска инвестициска платформа за достапно и одржливо домување, ќе спроведе анализа на влијанието на шпекулациите за домување и ќе ги поддржи земјите-членки да ги удвојат планираните инвестиции во достапни станови во рамките на политиката на кохезија.

Целта е и да се решат системските прашања поврзани со краткорочно издавање на станови, да се дадат предлози за решавање на неефикасното користење на празните станбени единици и да се ревидираат правилата за државна помош со цел да се овозможат мерки за поддршка на домувањето, пред се кога станува збор за енергетската ефикасност и социјалното домување.
Во својот говор, комесарот напомена дека Европската Унија не е директно одговорна за политиката за домување. Сепак, локалните власти во европските градови вршат притисок за поголема акција на ниво на ЕУ.
Градоначалниците на 12 европски градови, Рим, Болоња, Амстердам, Атина, Барселона, Будимпешта, Париз, Варшава, Лисабон, Лион, Гент и Лајпциг се здружија за да повикаат на итен план за решавање на станбената криза најдоцна до 2027 година. Градоначалниците сакаат финансиите за домување да бидат изземени од европските фискални правила кои ги ограничуваат државните трошоци. Тие, исто така, сакаат парите што не се потрошени за закрепнување од пандемијата на Ковид-19 да се прераспределат. Освен тоа, градоначалниците се сретнаа со Јоргенсен во Брисел, нагласувајќи дека проблемот не може да почека следниот буџет на ЕУ да преземе акција. Градоначалниците ќе подготват и акциски план за домување за Комисијата во наредните месеци.

Лани се зголемија цените на становите и се очекува да продолжат да растат и во 2025 година. Една од големите дански банки Nykredit очекува дека просечната цена на станбените единици во Данска оваа година ќе се зголеми за 4,4 отсто. На пазарот за домување во Копенхаген, годинава се очекува раст на цените за 6,2%. Еден начин на кој Данска сака да го реши проблемот со станбениот фонд, особено недостигот на станови со пристапни цени, е да го претвори привременото студентско сместување во достапно и трајно јавно домување.
Во Ирска, цените на куќите минатата година се зголемија за речиси двојно повеќе отколку во 2023 година, а бројот на слободни станбени единици, во јануари годинава, падна на историски најниско ниво. Централниот завод за статистика соопшти дека цените на станбените единици во декември биле за 8,7 отсто повисоки од претходната година. Тоа значи дека годишната стапка на инфлација во тој сектор во 2024 година, е зголемена речиси двојно.
Најновите податоци на порталот daft.ie. покажуваат дека понудата на ирскиот пазар на станбени единици за изнајмување е премногу слаба и прескапа. Просечната месечна кирија во Даблин се движеше од 2.294 евра до 2.704 евра во третиот квартал од 2024 година, во зависност од локацијата. Републичкиот просек е 1.955 евра.

Ниту Австрија, вреднувана во ЕУ по својот станбен фонд и квалитетот на социјалните станови во Виена, не е имуна на ова прашање. Новата австриска влада планира постепено да ги ограничува кириите на регулираниот пазар во следните три години. Владината програма од 2028 година, предвидува зголемувањето на закупнината во „целиот станбен сектор“ да биде ограничено на максимум три отсто.
Шпанија, исто така, презема драстични мерки за решавање на проблемот со порастот на цените на становите и кириите. Шпанскиот премиер Педро Санчез во јануари предложи да им се забрани на луѓето надвор од ЕУ да купуваат имот во земјата, како дел од напорите за олеснување на кризата со достапни станови. Планот следи по претходниот предлог на социјалистичкиот водач да се наметне данок до 100% на таквите договори за купување имот, додека земјата се бори со високата побарувачка и вртоглаво растечките цени.
Според регистарот на недвижности, во 2023 година Британците биле најбројни во однос на странските купувачи на недвижности во Шпанија со 9,5 отсто од вкупните трансакции направени од странски државјани.
Според порталот Idealista, во изминатите десет години наемите во Мадрид пораснале за 82%, споредувајќи ги со другите големи шпански градови. А социјални станови има многу малку. Мадрид, град со речиси 3,4 милиони жители, има само 9.200 станбени единици со ниска кирија, што го прави меѓу најлошите во ЕУ.

Главниот град на Шпанија воведе лотарија за доделување социјални станови. Секој квартал Мадрид на лотарија нуди меѓу 50 и 200 социјални станови за луѓе кои ги исполнуваат критериумите. Но, лотаријата задоволува само 1 процент од побарувачката. Според податоците на Idealista, во Шпанија годишно се градат само 90.000 нови станбени единици, а се создаваат 120.000 нови домаќинства, што предизвикува недостиг на станови и зголемување на цените на кириите до небо.

Бумот во изнајмувањето станови од туристи на платформи како што е Airbnb, исто така, го влоши недостигот на станови во Шпанија, предизвикувајќи големи протести низ целата земја и ставајќи ја станбената криза на врвот на политичката агенда. Во Словенија, изнајмувањето од туристи е фактор и за станбената криза, која стана еден од клучните проблеми во последните години, особено кај младите. Ситуацијата е особено критична во Љубљана и во големите урбани центри. Во Хрватска неможноста да се купи прв дом по прифатлива цена е една од главните причини поради кои голем број млади се иселуваат. Еден од главните проблеми е што многу станови на хрватското јадранско крајбрежје и во главниот град Загреб се наменети за краткорочно туристичко изнајмување.
Бугарија забележа едно од најголемите зголемувања на цените на куќите во ЕУ од 2010 до 2024 година. Според Еуростат, цените во земјата во тој период се зголемени повеќе од двојно, односно за 110%.