200 кг кокаин најдени во срушен авион во Бразил – пакетите носеле ознака „SpaceX“

Австралиски пилот загинал откако неговиот авион, кој превезувал речиси 200 килограми кокаин запакуван во лажна амбалажа на компанијата SpaceX, се урнал во поле со шеќерна трска во Бразил.

Властите соопштиле дека пилотот бил пронајден мртов надвор од леталото по падот во регионот Корурипе на тропската бразилска обала, пренесува The Independent.

Останки и дрога расфрлани низ полето

Пожарната служба добила пријава за несреќата во неделата околу 13:48 часот и испратила шест пожарникари поради ризик од експлозија. Иако експлозија не се случила, остатоците од авионот и пакетите со дрога биле расфрлани низ целото поле.

Локалните медиуми јавиле дека во авионот биле пронајдени меѓу 180 и 195 килограми кокаин. Над 187 пакети биле обвиткани во амбалажа која имитирала пакување на SpaceX, компанија во сопственост на милијардерот Елон Маск.

Истражување за меѓународна трговија со дрога

Сојузната полиција потврдила дека пронајдените докази упатуваат на меѓународна трговија со дрога. Запленетиот кокаин е пренесен во Интегрираниот центар за јавна безбедност во Корурипе.

Полицијата не соопшти од каде полетал авионот или која му била дестинацијата, но леталото имало дополнителни резервоари за гориво, што сугерира дека било наменето за долги летови.

„Истрагата ќе продолжи за да се утврдат сите факти и да се идентификува сопственикот на нелегалниот материјал“, соопшти Сојузната полиција. Се верува дека авионот го користел бразилскиот државен регион Алагоас како привремена станица на меѓународната рута за криумчарење дрога, а истражителите проверуваат и дали пилотот бил запознаен со локалните воздушни рути.

Авионот регистриран во Замбија

Според достапните информации, авионот бил регистриран во Замбија, но работел во Бразил најмалку две години. Податоците за летот не биле забележани. За споредба, бразилската сојузна полиција само во 2024 година запленила 74,5 тони кокаин, што е зголемување од над две тони во споредба со 2023 година, без да се вклучат заплените на локалните полицијски сили.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни