Денес, со свечен настан на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), официјално започна одбележувањето на јубилејот – 20 години УАКС. На настанот се обратија претседателката на одборот на директори и проректор за настава на УАКС, проф. д-р Венера Крлиу како и ректорот на УАКС проф. д-р Марјан Бојаџиев.
Како што беше истакнато, препознатливо за УАКС е тоа што е приватна образовна инстутуција која го комбинира најдоброто од европските и американските образовни стандарди и ги следи највисоките светски стандарди на академска извонредност, што резултира во кадар со интегритет, професионализам и позитивно влијание во општеството.

Американ, како што посочија говорниците, се заснова на визијата за високо образование кое трансформира преку знаење, образование кое гради карактери и кое создава идни лидери кои понатаму ќе придонесат за развој и на општеството, и на државата.
Во изминатите 20 години, како што беше посочено на настанот, УАКС успева да постигне одлични резултати: денес тоа е институција која вработува или ангажира над 250 луѓе академски и административен кадар од земјата и од странство и која во своето портфолио има 17 додипломски и 33 постдипломски програми, како и 3 програми со двојни дипломи. Воедно, УАКС е единствениот приватен универзитет со акредитирани докторски програми.
На настанот беа презентирани дел од достигнувањата на УАКС, како што е и бројката од 8.450 студенти кои своето образование го формирале на 6-те активни Факултети на УАКС, како и 4.200 алумни кои се успешни луѓе и даваат придонес во бизнис секторот, институциите и во граѓанското општество.
Беше потенциран и академскиот успех постигнат од страна на академскиот кадар на УАКС и тоа издадените над 1300 истражувачки трудови и книги. Исто така, беше посочено дека УАКС има реализирано 158 меѓународни соработки, има 70 Еразмус+ партнери, ангажира и 33-ца странски професори.

Обраќајќи се кон присутните, ректорот Бојаџиев истакна дека работењето на УАКС е водено од принципите кои беа и останаа исти низ годините: меѓународен академски кадар, меѓународни студенти и меѓународни наставни програми, учебници и материјали. Воедно, тој посочи дека успешната приказна на Американ продолжува.
Како што истакна пак проф. д-р Венера Крлиу, еден од поголемите успеси вброен во достигнувањата во изминатите 20 години е и создавањето на Американската Гимназија Скопје која успешно работи и се развива веќе 8 години.
Таа, исто така посочи дека сите постигнати успеси се благодарение, пред сѐ на луѓето на Американ кои се едни од најпосветените луѓе во секторот образование во државата: “Денес Американ е универзитет каде што луѓето се најважни и се тајната состојка за успех. Секоја идеја што се реализирала, секој студент што дипломирал, секој проект што постигнал успех – е резултат и на вашиот личен влог и на заедничката работа. Резултат на доверба. На посветеност. На вредностите што ги споделуваме.” подвлече проф. Крлиу.
Изразувајќи благодарност кон тимот на УАКС, проф. д-р Венера Крлиу истакна дека изминатите 20 години се доказ дека кога визијата е искрена, кога тимот е обединет и кога она што се работи, се работи со срце – тогаш резултатите се неизбежни.
“Затоа ова не е само јубилеј што го бележиме со бројка – ова е приказна испишана со посветеност, визија и пред сè – со луѓе. Денес не славиме само минато – туку славиме и иднина. Затоа, ве уверувам дека приказната на Американ продолжува. А најдоброто следи.” – рече проф. д-р Венера Крлиу.