Хрватските медиуми објавија дека разговарале со мајката на напаѓачот, која, како што пишуваат, за својот син рекла дека неколку пати бил во психијатриска болница во Јанкомир каде наводно ги предупредила лекарите да го задржат за лекување, но тие го пуштиле дома
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ денеска изјави дека не се точни информациите дека 19-годишниот напаѓач денеска бил на лекување.
„Не се точни информациите дека тој денеска бил на лекување, според информациите што стигнале од здравствената установа. Тој денеска не се појави на лекување, меѓутоа, апсолутно е неопходно да се расветли се што се случуваше во врска со овој случај, дали е прекршен некој протокол, дали има пропусти“, рече тој.
Министерството за здравство на Хрватска потврди дека испратиле здравствена инспекција во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Јанкомир, каде што наводно се лекувал 19-годишниот напаѓач.
Насилникот и самиот бил повреден при обид за самоубиство во денешниот напад, но бил спречен од полицијата.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека напаѓачот веќе бил регистриран за ментални нарушувања.
„И пред околу една година имал обид за самоубиство, така што тоа што и денеска се обиде да си го одземе животот покажува дека е тешко да се каже дека лицето било психички избалансирано“, рече министерот.