Во само 24 часа, вкупно 16.014 македонски државјани ја напуштиле земјата преку граничните премини Табановце и Богородица, покажуваат податоците што МВР ги доставило до Press24, за периодот од 9 април во 12 часот до 10 април во 12 часот. Најголем дел од нив излегле преку Табановце, каде се регистрирани 9.150 излези, додека преку Богородица земјата ја напуштиле 6.864 македонски државјани.
Според истите информации, на Богородица во истиот 24-часовен период влез во државата оствариле 1.394 македонски државјани, а кај странските државјани се регистрирани 4.753 влезови и 5.070 излези.
Уште поголем интензитет е забележан на Табановце. Таму, освен 9.150 излези на македонски државјани, биле евидентирани и 3.158 влезови, додека кај странските државјани имало 7.360 влезови и 5.449 излези.
Засилен сообраќај е регистриран и на другите премини кон југ. На Дојран, во истиот период, од државата излегле 546 македонски државјани, а преку Меџитлија 832.
Овој бран на патувања доаѓа во ден кога почнува целосната имплементација на новиот систем за влез во Европската Унија, со кој на надворешните граници на ЕУ се воведува дигитална евиденција на патниците од земји што не се членки на Унијата. Системот предвидува електронска регистрација на влезовите и излезите, како и обработка на биометриски податоци, вклучително отпечатоци од прсти и фотографија.
Од МВР велат дека се ставени во функција сите расположливи човечки и технички ресурси за да се обезбеди побрз проток на патници, но воедно посочуваат и дека новиот систем може да значи подолго задржување на граничните премини при влез во ЕУ.