16-то издание на „МакеДокс“: Кому му е гајле за реалноста?

„Кому му е гајле за реалноста?“ е прашањето што го отвора 16-тото издание на МакеДокс, фестивалот што ја претвора Старата скопска чаршија во центар на документарниот филм. Со над 75 филма, гости од странство, еколошки теми и Австрија како земја во фокус, фестивалот нуди простори за критичка мисла и промена.

Кому му е гајле за реалноста?“ Со ова прашање како мото, започна 16-тото издание на фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, што и оваа година ја претвори Старата скопска чаршија во центар на документарната уметност и критичката мисла.

Во време кога реалноста сè потешко се разликува од фикцијата, а вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме, МакеДокс поставува прашања, буди свест и нуди простори за размислување.

„Живеејќи во свет што катадневно се менува, свет во кој информациите отсекаде извираат и незапирливо течат, станува сè потешко да разликуваме што е вистина, а што не. Така се будиме во реалност што не е лесно ниту да се прифати и во неа да се живее, ниту да се фати со камера“

Фестивалот се одржува од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.

Сара Феро

-Годишното издание на МакеДокс ни носи околу 75 документарни филмови од целиот свет, два мастер класа, муабети под смоква, индустри програма, околу сто странски гости и Зелено пазарче- вели Сара Феро.

На програмата на првата вечер беа краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, акустичен концерт одржа гитаристот Мухамед Ибрахими, додека полноќната музичка програма продолжи со диџеј-сет на Шурбе.

-Оваа година имаме два мастер класа. Едниот е поврзан некако еколошки, односно две иницијативи, соларното кино Солар Синема од Холандија го спојуваме заедно со нашето патувачко кино на Македокс и ќе ги презентираме двете иницијативи коишто всушност се залагаат на различен но некако и близок начин за дисперзација на културата, за демократизација на културата и носење на документарните филмови во места каде што нема кино- вели Дарко Набаков.

Дарко Набаков

Земја во фокусот годинава е Австрија-земја со развиена документарна сцена и зелени урбани приказни

-Документарната сцена на Австрија навистина е интересна, бидејќи некако се провлекува низ сите европски документарни фестивали, но не ѝ се дава некој голем акцент како фокус. И токму поради тоа рековме: ајде ние да ѝ го дадеме фокусот. Наспроти тоа, Виена е најзелениот град во Европа, а Скопје е на спротивниот крај од скалата. Па сакавме да видиме кои се тие приказни што ги инспирираат луѓето кои доаѓаат од таа „чиста“ Австрија. И навистина има различни приказни, различни мотиви за снимање на документарни филмови имаат Австријците, и имаат еден специфичен пристап во градењето и раскажувањето на приказните и правењето документарни филмови – вели Дарко.

Еколошки приказни на МакеДокс

Еколошките теми секогаш се провлекувале низ сите изданија на фестивалот но годинава тие добиваат посебен фокус.

-Отсекогаш сме се труделе да бидеме на некој начин „зелен“ фестивал и да поддржуваме зелени иницијативи.
Само оваа година решивме да му дадеме некаков лејбл на сето тоа. Сметаме дека е важно, особено за реалноста во која живееме, да зборуваме за екологијата. Не смееме да го заборавиме нашето опкружување, бидејќи е круцијален дел од нашето постоење – вели Сара

Може ли документарниот филм да биде двигател на промени во општеството?

Апсолутно, смета Сара. Документарниот филм вели таа може да биде двигател на промени во општеството и треба да биде. Токму затоа и мотото оваа година е: „Кому му е гајле за реалноста?“

-Документарните филмови би рекол дека се тука да ни прекажат една реалност – авторската реалност на еден автор. Да нè замислат и да нè запрашаат дали нас навистина ни е гајле за реалноста – и со самото тоа, можеби, да мотивираат нешто во нас за некаква си промена- вели Дарко.

Кому му е гајле за реалноста?

-Живееме во време кога информациите кружат многу брзо, каде што навистина – она што го зборуваме – вистината, пред да ја сфатиме, веќе се менува. Сфативме дека мораме малку да се вратиме назад, да седнеме и да размислиме за реалноста. Во време кога постојано се прашуваме што е вистина, што се факти, што се лажни вести, и кога сме сведоци на многу тешки случувања насекаде околу нас – секој од нас треба да се запраша: која е всушност реалноста? И што правиме ние во врска со тоа?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни