Денес, 16 септември, светот го одбележува Меѓународниот ден за заштита на озонската обвивка, посветен на потсетување на значењето на оваа природна бариера која ја штити Земјата од штетните ултравиолетови зраци.
Овој ден е прогласен од Обединетите нации во 1994 година, во чест на потпишувањето на Монтреалскиот протокол во 1987 година – глобален договор со кој државите се обврзаа постепено да ги укинат супстанците што ја уништуваат озонската обвивка.
Благодарение на овој протокол, кој денес има универзална ратификација и се смета за едно од најуспешните меѓународни еколошки договори, започна закрепнувањето на озонскиот слој. Научниците предупредуваат дека иако озонската дупка постепено се намалува, хемиските последици од штетните гасови ќе се чувствуваат уште неколку децении – од 50 до 100 години.
Секоја година ОН избираат тема што го нагласува значењето на заштитата на озонот. Темата за 2025 година ја става во фокус врската меѓу заштитата на озонската обвивка и борбата против климатските промени, потсетувајќи дека намалувањето на штетните гасови истовремено го намалува и глобалното затоплување.
Озонската обвивка останува клучен штит за животот на Земјата – таа ги чува луѓето, животните и растенијата од опасното зрачење, а нејзината заштита е одговорност на сите држави и поединци.