Во срцето на Скопје, каде што модерното и традиционалното се сретнуваат, постои едно место кое веќе 14 години го чува духот на џезот, пријателството и локалната култура. „Бруклински Џез Бистро“ не е само бар – тоа е приказна создадена од енергијата на луѓето, љубовта кон музиката и желбата за автентична атмосфераСопственикот Александар Насковски ја сподели нивната приказна – спонтана, искрена и инспиративна.
Сѐ започнало со еден разговор меѓу двајца најдобри пријатели – Александар и Даниел. Идејата за бар била негова, а името – „Бруклински“ – доаѓа од квартот каде што живее Даниел, додека џезот се појавил речиси случајно. Бината во бистрото првично немала намена, но сè се сменило кога еден пријател, музичар од Њујорк, прифатил да настапи со својот бенд. Така почнале џез вечери кои денес се препознатлив белег на просторот.
„Во еден главен град мора да има џез клуб,“ вели Александар. Бруклински не само што опстанал, туку и развил свој ритам – четиринаесет години континуирано присуство на музичката сцена. Скопје има џез, и тоа преку Бруклински.

Фестивалите, како „Амбер Џез“, произлегле од блиските пријателства меѓу музичарите и желбата за дружење. Со тек на годините, фестивалот добил и меѓународен карактер, со гости од странство кои дошле по препорака од домашните уметници.
Најдобрите моменти? Роденденските прослави. Последниве години тие се збогатени со целодневна диџеј програма, оставајќи силни спомени кај сите присутни.

Но, Бруклински не е само забава. Од самиот почеток го поддржува локалното – промовира мали, фамилијарни македонски винарии. Со винска карта од околу 100 различни етикети, нивната мисија е јасна: квалитетното македонско вино да биде достапно и препознаено. Со проектот „вино по маркет цени“, Бруклински го доближува производителот до гостинската чаша.
За Александар, Бруклински е повеќе од работа – тој е неговата дневна соба. Простор исполнет со добар звук, добри луѓе и уште подобра енергија. „Најубаво е кога има џез, и кога сум со пријателите,“ вели тој. А тоа е токму суштината на Бруклински – неформален, автентичен и жив доказ дека со срце, музика и заедништво може да се создаде култно место во градот.