Црн биланс од војната: Иран тврди дека над 1.300 цивили се убиени

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации соопшти дека најмалку 1.332 цивили загинале во конфликтот со САД и Израел, додека илјадници други се повредени.

Најмалку 1.332 ирански цивили загинале досега во конфликтот со САД и Израел, а илјадници други се повредени, изјави иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир Саид Иравани.

Говорејќи пред новинарите во седиштето на ОН во Њујорк, Иравани изјави дека нападите биле насочени кон цивилна инфраструктура и објекти во Иран. Според него, иранските сили, од друга страна, гаѓале исклучиво воени цели.

САД и Израел ги отфрлаат овие обвинувања и тврдат дека Иран е одговорен за напади врз цивилни цели.

Иравани истакна дека Иран не ги таргетира интересите на соседните држави и дека се проверуваат извештаите за наводни напади врз невоени објекти.

„Нашата првична проценка покажува дека дел од инцидентите можеби се резултат на пресретнувања или мешање на американските системи за воздушна одбрана, што можело да ги пренасочи проектилите од нивните воени цели“, изјави иранскиот дипломат.

Неговата изјава доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп побара „безусловна капитулација“ на Иран и изјави дека новиот врховен лидер на земјата треба да биде „прифатлив“, по смртта на ајатолахот Али Хамнеи на првиот ден од конфликтот.

Иравани ја оцени оваа изјава како „јасно кршење на принципот на немешање во внатрешните работи на државите“, повикувајќи се на Повелбата на Обединетите нации.

„Изборот на новото раководство на Иран ќе се одвива строго во согласност со нашите уставни процедури и исклучиво според волјата на иранскиот народ, без никакво странско мешање“, изјави тој.

Во меѓувреме, иранскиот претседател соопшти дека неколку држави започнале напори за посредување, што е прв сигнал за можни дипломатски иницијативи за прекин на конфликтот.

Американски воени истражители, пак, проверуваат и дали американски сили можеби стојат зад напад врз училиште за девојчиња во Иран на првиот ден од војната, при што загинале десетици деца, иако конечниот заклучок од истрагата сè уште не е донесен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни