Официјален Киев инсистира дека никогаш нема да попушти во одбраната против руската инвазија и предупредува дека нема да се умилкува на рускиот претседател Владимир Путин. Од Кремљ исто така изјавија дека не се откажуваат од своите воени цели и повторно се заканија со нуклеарното оружје.
„Украина никогаш нема да се потчини на окупаторите, а руската војска ќе биде казнета за кршење на меѓународното право“, се вели во соопштението објавено од Министерството за надворешни работи во Киев.
Во изјавата до Советот за безбедност на Обединетите нации, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги нарече 1.000 дена „многу голема бројка“.
„Од една страна, тоа ја докажува украинската храброст наспроти бруталната руска агресија. Од друга страна, оваа бројка го докажува неуспехот на меѓународната заедница, вклучително и овој почитуван совет, да ги запре војните за агресија и злосторствата“, рече тој.
Во меѓувреме, Путин во вторникот одобри ажурирање на руската нуклеарна доктрина. Документот наведува дека Русија би можела да размисли за употреба на нуклеарно оружје доколку е предмет на конвенционален ракетен напад врз неа поддржан од нуклеарна сила.
Промената е одговорот на Кремљ на извештаите дека американскиот претседател Џо Бајден одлучил да ѝ дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел обезбедени од Вашингтон за да напаѓа на руска територија.

Портпаролот на Путин подоцна им изјави на новинарите дека Москва е уверена во победата во, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ што ја започна во февруари 2022 година со целосна инвазија на својот сосед.
„Воената операција против Киев продолжува … и ќе биде завршена“, изјави Дмитриј Песков за новинарите.
Иако јубилејните 1000 денови беа одбележани со мотивирачки изјави од двете страни, изминатиот месец сепак се користеше за поставување на основите за преговори за крај на војната.
Изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД само ја засили реториката за доведување на војната кон нејзиниот крај. Трамп во својата кампања повторуваше дека доколку тој влезе во Белата куќа ќе обезбеди брз крај на војната, без да наведе детали за тоа како ќе биде изведен мирот.
Дека седнувањето на Трамп на претседателското столче може да води кон побрз крај на војната се согласи и украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој изјави дека војната сигурно побрзо ќе заврши. Зеленски рече дека имал „конструктивна размена“ со Трамп во телефонски разговор по неговата победа на претседателските избори во САД. Тој не кажа дали Трамп поставил какви било барања во врска со можните разговори со Русија, но рече дека не слушнал ништо од него што е спротивно на позицијата на Украина.

Зеленкси рече дека Украина нема да тргува со својот суверенитет или да се откаже од правото на нејзините територии. Откривајќи го својот внатрешен „план за отпор“, украинскиот лидер ги повика својот народ и официјални лица да останат обединети, велејќи дека војната достигнала клучен момент кој ќе одреди која страна, Украина или Русија, ќе надвладее.
„Во оваа фаза од војната, се одлучува кој ќе надвладее – дали ние над непријателот или непријателот над нас Украинците… и Европејците, и секој во светот кој сака да живее слободно и да не биде подложен на диктатор“, рече Зеленкси.
Шефот на НАТО Марк Руте предупреди дека на рускиот претседател Владимир Путин не смее да му се дозволи да надвладее во Украина.
„Зошто клучно Путин да не успее? Затоа што ќе имате охрабрена Русија на нашата граница… и јас сум апсолутно убеден дека нема да застане тука“, им рече Руте на новинарите во Брисел пред да им се приклучи на министрите на ЕУ за разговори за одбрана.
„Денес ќе разговараме за тоа како можеме да и помогнеме на Украина да преовлада. Тоа значи повеќе помош, повеќе пари што треба да им ги ставиме на располагање. Особено сега, кога севернокорејците се вклучија“, рече Руте.
Шефот на НАТО рече и дека со министрите на ЕУ ќе разговара и за одбранбеното индустриско производство. „Треба едноставно да направиме повеќе… Мораме да ги надополниме нашите залихи, за да се осигураме дека сме подготвени да се спротивставиме на секој противник“, додаде тој.