100 години од раѓањето на Ристо Лозаноски

„100 години од раѓањето на Ристо Лозаноски“ е насловот на ретроспективната изложба на еден од доајените на македонската современа уметност што ќе биде отворена утревечер во 19 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Ристо Лозаноски (1923 – 1965) е еден од големите уметници што кратко живееле, а зад себе оставиле огромно дело. Куратори на изложбата се Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос и Маја Неделкоска-Брзанова, кустос-советник во Националната галерија.

Изложбата е дел од веќе востановените практики што произлегуваат од визијата на Националната галерија и се надоврзуваат на мисијата за зачувување на нашето значајно културно богатство се и периодичните или јубилејните претставувања на најзначајните македонски ликовни творци и нивните остварувања.

Еден од овие автори е Ристо Лозаноски (р. Големо Илино, 1923 – Белград, 1965), кој во рамките на Постојаната поставка на македонската уметност од 14 до 19 век е претставен со две дела. Според авторките, творештвото на Лозаноски уште од неговите почетоци го забележуваат, а подоцна и го обработуваат голем број македонски историчари на уметноста и ликовни критичари во повеќе нивни осврти, го вклучуваат во приказите на современата ликовна уметност, претставен е во бројни селекции на различни теми, но се чини дека неговиот ликовен опус денес е малку подзаборавен.

– Присуството на Лозаноски во споменатите селекции се должи на неговиот распространет интерес и дејствувањето „на повеќе полиња“ во смисла на ликовниот израз и изборот на теми што го окупирале неговиот интерес во, сепак, релативно краткиот животен и творечки век (починал на рана возраст од 42 години). Така, Лозаноски уште од самите негови почетоци го интересираат повеќе теми – од портрети, актови и фигури, преку мртви природи, пејзажи и историски (епски, револуционерни) теми, па сè до теми со извесни реминисценции на традиционалните мотиви, со етнолошка (битова) провениенција – велат авторките.

Тие додаваат дека прераната смрт на Ристо Лозаноски ја осиромаши македонската уметност за една прогресивна личност чиј понатамошен развој може само да го претпоставиме со изучувањето на она што како автор го оставил зад себе, но и да иницираме понатамошно студиозно проучување на одредени ликовни творечки фази на постојните остварувања.

Самиот Лозаноски, во каталогот за изложбата „Циклус НОБ“ од 1959 година вели:

„Отсекогаш сум се носел со мислата да создадам циклус слики од НОБ. Ги носев во себе, од својата најрана младост, впечатоците од она време, време на партизански колони, јуриши и грчеви во окупираните градови. Настојував да најдам погоден израз на она што сликарски го доживував и на она што е всушност епопејата на НОБ. Стремежот и патот во мојот уметнички развиток беше потребно да ги усогласам со темата НОБ, но да не паднам во наративност и груба пропаганда. Интимното доживување на впечатоците од НОБ втиснати во младоста беше потребно да се спроведе во една мера, ненаметливо, а присутно, а од друга страна, тие впечатоци и таа суштина на тој период да се прикажат објективно и вистинито, технички и стилски урамнотежено, за да претставува една интимна сликарска целина за тоа време. Колку сум успеал во тие стремежи, ќе оцени публиката.“

Изложбата во Даут-пашиниот амам ќе биде поставена до 27 февруари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни