Оваа недела десет лица обвинети за сексистичко онлајн вознемирување против сопругата на францускиот претседател Емануел Макрон, Брижит Макрон ќе бидат изведени пред суд во Париз, објавија француските медиуми.
Тие се обвинети за ширење непотврдени тврдења за полот и сексуалноста на првата дама на Франција, како и за „злонамерни коментари“ за 24-годишната разлика во годините меѓу неа и нејзиниот сопруг. Доколку бидат прогласени за виновни, се соочуваат со затворска казна до две години .
Меѓу десетте обвинети се и избран општински советник, сопственик на галерија и наставник , јавува Би-Би-Си.
Две од нив – новинарката Наташа Реј и интернет-гатачката Амандин Роа – веќе беа осудени минатата година за клевета откако тврдеа дека Брижит Макрон всушност е нејзин брат Жан-Мишел Троње, кој го променил полот и почнал да го користи нејзиното име .
Апелацискиот суд подоцна ги ослободи од обвинение , пресудувајќи дека нивните изјави не претставуваат клевета. Брижит Макрон и нејзиниот брат се жалат на одлуката.
Оваа теорија на заговор , според која Брижит Макрон е трансродова жена , циркулира во францускиот онлајн простор од 2017 година , кога Емануел Макрон го освои својот прв претседателски мандат.
Во последниве години, непотврдените тврдења за нејзиниот пол исто така добија на популарност во Соединетите Држави , особено откако ги прошири крајнодесничарската инфлуенсерка Кендис Овенс .
Минатиот јули, семејството Макрон поднесе тужба против Овенс , обвинувајќи ја за „игнорирање на сите веродостојни докази што ги побиваат нејзините тврдења со цел да им даде платформа на познати заговорници и клеветници“.
Адвокатот на семејството, Том Клер , за подкастот „Fame Under Fire“ на Би-Би-Си изјави дека Брижит Макрон ги сфатила обвинувањата „исклучително сериозно“ и дека тие станале „одвлекување на вниманието“ за францускиот претседател.
„Крајно е понижувачки да мора да даваш такви докази за себе“, вели Клер.
Емануел Макрон објасни дека случајот против Овенс е „прашање на одбрана на честа“ на неговата сопруга , бидејќи инфлуенсерот „свесно ширел лаги со цел да наштети, во служба на одредена идеологија и со врски со крајно десничарски лидери“.