Патувањата мотивирани од гастрономијата се сè попопуларни, од потрагата по уникатен чоколаден десерт во Дубаи до лов на најдобрата пица во Неапол. Сè повеќе туристи ги избираат своите дестинации според храната која ќе ја пробаат, а не само според знаменитостите.
Токио – светска гастрономска престолнина
Прво место зазема Токио. Јапонската метропола нуди огромна разновидност од автентична јапонска и интернационална кујна – од традиционален суши подготвен пред гостите до улична храна како јакитори. Токио се гордее со околу 160 ресторани со Michelin ѕвезди и 124 врвно оценети ресторани, што го поставува пред многу светски метрополи. Храната во Јапонија е важен дел од културата и секојдневието, привлекувајќи локални жители и туристи од целиот свет.
Париз – европска гастрономска ѕвезда
Второто место го зазема Париз, познат по традиционалните пекарници, бистроата и врвните слаткарници. Понудата се движи од класични кроасани и макрони до современа висока кујна и иновативни ресторани кои реинтерпретираат класични јадења. Со 131 ресторан со Michelin ѕвезда, Париз е најдобро рангирана европска дестинација за гурмани.
Осака – јапонска храна со душа
Третото место е за Осака, често нарекуван „кујна на Јапонија“. Градот е познат по специјалитети како такојаки и окономијаки. Осака симболизира опуштена гастрономска култура каде уживањето во храната е дел од идентиитетот на градот.
Други водечки дестинации
Меѓу десетте најдобри градови за гурмански уживања се и Лондон, Сеул, Њујорк, Бангкок, Лисабон и Сингапур. Особено се истакнува Португалија со два града на листата – Порто и Лисабон. Порто се прослави со портско вино и гастрономска понуда, а Лисабон нуди одлични морски плодови и автентични локални јадења.
Сè покажува дека гастрономијата станува клучен мотив за патување. Сè повеќе туристи планираат маршрути според ресторани, пазари и улични штандови, барајќи автентични вкусови кои ја раскажуваат приказната на градот.