Вчера вечер во „Лабораториум“, на свеченото отворање на десеттото издание на фестивалот на европска култура „Букстар“, организаторот и главен уредник на издавачката куќа „Антолог“, Жарко Кујунџиски, истакна дека фестивалот е клучен за македонската и европската книжевна сцена.
„Букстар е 10 години страст, 10 години борба, 10 години поддршка на квалитетна литература, 10 години поддршка на трансформација на нашата држава во модерно општество. Букстар е инспирација за писателите, за читателите, за премолчаните и за заборавените,“ изјави Кујунџиски. Тој додаде дека фестивалот влијаел на многу европски автори, како Славенка Дракулиќ и Славој Жижек, кои создале дела инспирирани од своите искуства на фестивалот.
Румена Бужаровска: Јазикот како сила за создавање нови светови
Фестивалот го отвори македонската писателка Румена Бужаровска, која зборуваше за важноста на македонскиот јазик и литература. Таа се фокусираше на тоа што значи да живееш во Македонија, во мало јазично подрачје и го истакна моментот дека кога доаѓаш од таква земја, за секој автор тоа значи многу повеќе труд за да се истакне и многу повеќе преведувачи, за западниот пазар не сме интересни и за жал кај нас речиси никој не може да се занимава исклучиво со писателство и авторство.
Таа му честиташе на Жарко за фестивалот, за наградата Драги која го прославува и наградува квалитетниот превод и како заклучок поентираше: „Каде сме сега, таму каде што никој не бил, на простор со бескрајни хоризонти.“
Бужаровска ги истакна напорите на македонските писатели и преведувачи во проширувањето на македонската книжевност, спомнувајќи го Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Влада Урошевиќ како пионери во ова поле. Таа го спомна и значењето на наградата „Драги“ за квалитетен превод, честитајќи му на Жарко за организацијата на фестивалот.
Метаморфоза и истрајност: Личната приказна на Паола Перети
Во текот на првата вечер, посветена на темите траума и истрајност, италијанската писателка Паола Перети за читателите на Трн ја сподели нејзината лична метаморфоза. „Таа траума не беше поврзана со мојата болест, туку со крај на една длабока врска. Тоа беше шокирачко, ужасно, но од тој момент решив да бидам посилна. Мојата метаморфоза почна токму тогаш,“ сподели таа.
Перети ја истакна важноста на психотерапијата, поддршката од пријателите и семејството и работата на себе како фактори кои ѝ помогнале да се трансформира. „Секоја девојка, секоја жена може да живее како што сака, да биде финансиски независна и да го освои светот само ако сака!“ додаде таа, со порака за сите жени.
Мизренка Чехова: Траумата како сила за промена
Мизренка Чехова, чешката писателка, се осврна на важноста на траумата во книжевните дела. Според неа, траумата ја разнишува психолошката стабилност на ликовите, но истовремено го акцентира нивниот потенцијал за промена. „Да изгубиш нешто е сосема природно, тоа е последица на вистинското потекло на Универзумот. Тогаш, имаш вистински дијалог со себе и можност за промена,“ рече Чехова, подготвувајќи ја публиката за подлабоки разговори за психологијата на ликовите.
Богата програма и книжевни активности
Фестивалот ќе продолжи со низа настани, вклучувајќи книжевни читања, креативни работилници и подкасти. Денес, гостите ќе имаат можност да присуствуваат на книжевното читање „Преобразба(та)“, со учество на автори од Македонија и Европа, како и на „Балканска вечер(а)“ со Кристијан Новак, Румена Бужаровска, Фарук Шехиќ и Игор Маројевиќ.
Фестивалот „Букстар“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, книжевната мрежа „Традуки“, амбасадите на Чешка, Германија, Италија и Бугарија, како и од бројни културни институции и спонзори.
Фотографии: Надица Манева Ангеловски