Трн: „Има љубов во нас“ е името на новата песна, навистина го мислиш тоа?
Дани: Не треба да мислам, знам.. Знаеш и ти. Сите знаеме. Забораваме и потискаме, поради јакиот притисок, општествените стеги, пореметени вредности, воспитни програми… Љубов е нашата суштина, од неа сме создадени. Затоа е единствен лек против војната во себе.
Трн: И сега кога има љубов во нас, како ќе ја искористиме?
Дани: Да ја ослободиме од заборавената и заклучена фиока. Да и се препуштиме со целосна доверба. Да си дозволиме да чувствуваме и сочувствуваме. Да бидеме лек за себе и за овој свет.
Трн: Да имаш се на светот, ама ако немаш љубов…?
Дани: …Немаш ништо на светот.
Трн: Кому посакуваш мир низ текстот?
Дани: На тебе. На себе. На обичните и необичните луѓе. На оние со ниски побуди, на оние со благородни цели. На соседот, продавачот во маркет, на шивачката во фабрика, шоферот во градски превоз, на директорот, челникот и чистачот. Секому.Тоа е подарок и благослов за секого.
Трн: Остануваш доследна на звукот и синглот ти звучи како добра најава за новиот албум…
Дани: Материјалот е се уште во доработка, секоја изјава за датум на издавање никогаш не била доследна. Ќе излезе тогаш кога му е вистинското време. Содржината е издржана, стремеж кон промена… звукот очекуван, албумот е концептуално конкретен и со директни пораки.
Трн: Ќе следуваат нови видео спотови?
Дани: „Има љубов во нас“ е видео спот режиран од Марио Станковиќ, со асистенција на младата перспективна Ени Вучидолова, во продукција на 2by4. Следствено на добрата соработка и професипоначлен однос работиме на ново видео за следната песна.
Трн: И потоа на ред е концерт?
Дани: Концерт е посакувана цел, создаваме реалност за поволна клима за македонската музика. Чекор по чекор е одлична реченица за тренинг на трпение и фокус на моменталните дејствија.
Трн: За каков концерт сонуваш и кој сакаш да ти се качи на бина да отпеете една?
Дани: Ми се тресат колена од Anouk Skin (Skunk Anansie) и Sandra Nasic (Guano Apes)… Тие се мои идоли, женски изведувачи борци, енергетски бомби, свесни за својата позиција и одговорност. Директни во обраќањето и нереални во изведбата.
Трн: Што ти е музиката, а што ти на неа?
Дани: Музиката ми е прв избор за изразување. Јас на неа сум и гласот, карика за да биде цела.
Трн: Кога не пееш, тогаш?
Дани: Пишувам… без логика и концепт. Тоа е моето ослободување од згужвани мисли.
Трн: Како е на македонската музичка сцена?
Дани: Кризираме како музичка култура. Медиумите и финансиските моќници диктираат исклучиво комерцијални музички производи, така се намалува просторот за избор. Алтернативната сцена скоро и да ја нема на мапа. Потребен е вентил за субкултурни појави за да имаме широка, но и вредносна музичка сцена.
Трн: Следен настап за да те слушне публиката?
Дани: Првата станица за ова лето е 30-ти јуни, Крушево (When in Krushevo fest).