Трн: Која е суштинската порака на КРИК 2025? Што сака фестивалот да им каже на културната сцена, на уметниците и на пошироката јавност?
Артан: КРИК 2025 не се поставува како фестивал што има готова порака или одговор, туку како отворена покана за заедничко размислување и разговор. Наместо да „каже“, фестивалот сака да ги покани уметниците, културните работници и пошироката јавност, на взаемно преиспитување на тоа што значи критичка култура денес и каков јавен простор сакаме да градиме преку културната практика. Темата Преобразба се чита како предлог за промена, но не во однапред зададена насока – туку како процес на преобликување низ колективна рефлексија, сомневање, уметничка интервенција и јавна дебата. КРИК отвора простор каде културата не е само продукција, туку и прашање, глас, судир, и визија.

Трн: Имаме ли ние во Македонија доволно критичка културна маса? Кои се нејзините носители и каде ги препознаваме денес?
Артан: Верувам дека постои критичка културна маса во Македонија, но не како фиксна група или структура, туку како жив процес што постојано се калеми врз општествениот материјал. Таа се формира и реформира низ уметноста, образованието, активизмот, независните иницијативи и секојдневните гестови на отпор и размислување. Особено денес, кога сме преплавени со комерцијални и површ содржини, најважно е младите генерации да имаат пристап до критичка култура, до простори каде можат да се прашуваат, да дебатираат, да се изразуваат надвор од шаблоните што ги нуди дигиталниот маркетинг и алгоритамската логика на социјалните мрежи.

Носителите на оваа култура не се само уметници или институции, туку и ученици, млади колективи, независни медиуми, активисти, ментори, па и обични граѓани кои одбиваат да се помират со статус квото. Критичката маса не е голема по бројки, но силна по енергија и посветеност, и секогаш бара начини да се обнови и да пренесе искра кај новите генерации.
Трн: Каква е улогата на фестивалот КРИК во создавањето и одржувањето на простори за критичка мисла? Дали навистина се слуша гласот на културните работници надвор од „балоните“?
Артан: КРИК не се стреми да се докажува преку бројки или масовност. Наместо тоа, неговата улога е да отвори суштински прашања, прашања што се универзално релевантни, но кои се артикулираат тука, од Скопје, со што самиот простор станува значаен во глобалниот контекст на културна и критичка мисла. Во време кога јавниот дискурс се празни, а мислата се маргинализира, КРИК е чин на де-маргинализација, концептуална интервенција која покажува дека критичката мисла не е резервирана за центри на моќ, туку може да никне и таму каде што се повеќе почнува да доминира културна тишина.

Не верувам дека масовноста е мерка за значење. Напротив, прогресивните идеи често почнуваат на маргините, во мали простори каде постои простор за сомнеж, за дијалог, за сложеност. Масовните културни бранови, особено денес, често служат регресивни цели – ги поедноставуваат сложените реалности и ги потиснуваат оние гласови што поставуваат незгодни прашања. Затоа, КРИК го слуша гласот на културните работници надвор од “балоните” не преку платформи на доминација, туку преку платформи на отвореност, учење и критичко преиспитување.Bottom of Form
Трн: Што подразбираме под „културна преобразба“ денес? Колку таа е итна, и какви алатки ни се потребни за да не биде само естетска, туку и политичка и етичка?
Артан: Денес, културната преобразба не може да се замисли како изолирана естетска промена – таа мора да биде етичка, политичка и длабоко вкоренета во реалноста во која живееме. Во време кога светот околу нас буквално се топи – било од екстремни климатски услови, било од огнот на бомбите кои паѓаат врз Газа, немаме луксуз да се занимаваме со култура која се однесува како да постои во вакуум.

Чистата естетика – во смисла на „неутрална“ уметност – станува сè повеќе непостоечка категорија. Денес, секој избор е политички избор, дури и молкот. Затоа, културата мора да се сфати како алатка за отпор, за критика, за освестување и за градење на нови можни заеднички хоризонти.
Културната преобразба која ни е потребна денес не значи само нова форма, туку и нова содржина, нова грижа, нова солидарност. Потребни ни се алатки на колективно учење, вмрежување, критичко образование, уметничка храброст и политичка одговорност. Само така културата ќе може да излезе од позицијата на украс и да влезе во позиција на активен учесник во трансформацијата на општеството.
Трн: Дали уметноста уште има моќ да преобликува општествениот пејзаж, или е сведена на симболичен гест во затворени кругови?
Артан: Ние ја третираме уметноста како критичка алатка која се вградува во општествениот пејзаж. Таа не треба да биде само рефлексија на општествените кризи, туку и активен учесник во нивното преобликување. Постои опасност од претворање на кризата во современата уметност во самодоволна естетика која служи за екстракција на општествениот капитал наместо за негово трансформирање. Затоа, уметноста мора да биде вградена во социјалната пракса, да биде средство за критичко преиспитување и активизам, а не само за самоизразување. Таа треба да биде дијалектичка, да праша, предизвикува и предлага нови можности, наместо да се затвора во затворени кругови. Во контекст на КРИК 2025, фестивалот се стреми да ја врати уметноста во јавниот простор, да ја ре-артикулира и да ја врати во функција на општествената трансформација. Тој не се задоволува со естетски гестови, туку со отворени прашања и критички дијалози кои ја активираат јавноста и ја поврзуваат уметноста со секојдневниот живот.

Трн: Дали метаморфозата е болна или неопходна? Може ли вистинската промена да дојде без криза или загуба?
Артан: Метаморфозата денес не е само неопходна – таа е и неизбежна, ако не сакаме да завршиме во распространет општествен канибализам. Ние веќе сме во позиција на криза и загуба; општествениот, културниот и природниот простор во кој живееме се резултат на долгогодишни разорувачки пракси и убедувања.
Нашиот простор е за спасување, за создавање на нови форми на взаемна грижа, за осознавање на взаемната ранливост и зависност помеѓу луѓето, заедниците и природата.
Сепак, тешко дека може да биде полошо од сега – токму тоа ја отвора вратата за надеж и за нов почеток. Метаморфозата, иако болна, е единствениот пат кон опоравување и кон градење на поодржлив и праведен свет.

Трн: Дали „будноста“ како вредност на овој фестивал е спротивна на современиот дух на отуѓеност и комодифицирана култура?
Артан: Будноста која КРИК ја негува не е само политички став, туку израз на најдлабоката човечка потреба за смисла и поврзаност. Во свет каде што се’ е мерка на пазарот, а културата не можа да избега од тенденциите за комодифицирање и отуѓување, КРИК се залага да, освен нашата мисла, ги разбуди и нашите сетила. Ние сакаме култура која може паг да маѓепсува, култура која пак ќе не научи да сонуваме, да маштаме и да измислуваме подобри светови – онаму каде има простор за храбра имагинација. Будноста е повик за повторно вклучување во процесот на создавање, во трагање по смислата и во борба за култура што не ни дава само одговори, туку и нови, по проникливи, некогаш луди, прашања.
Трн: Што значеше КРИК во изминатите 10 години? Кој беше неговиот придонес во развојот на критичката култура во Македонија и пошироко?
Артан: По 10 години, КРИК останува знак на отпор и трајна платформа за критичка култура. Можеби затоа што темите што ги работиме и луѓето кои ги покануваме се провокативни и понекогаш не се вклопуваат во доминантните културни тенденции, никогаш не станавме главна струја во македонската култура. Сепак, токму поради тоа, КРИК создаде културно наследство кое е од голема вредност за оние што сакаат да се занимаваат со критичка мисла, преиспитување и алтернативни пристапи. Нашиот придонес е во тоа што имаме овозможено простор каде што можат да се слушнат различни гласови и да се отвораат важни прашања, градeјќи нови можности за културна и социјална трансформација во Скопје и пошироко.

Трн: Дали КРИК успеа да изгради нови мрежи на културна солидарност и критичка мисла, и како тие се одржуваат денес?
Артан: КРИК е еден од повеќето активни чинители на културната сцена во градот и во изминативе години успеа да изгради силни врски на културна солидарност и критичка мисла. Оваа година, во иста недела со КРИК се одржуваат и фестивалите Прво па женско, и Прајд викенд, со кои сме сплотени преку заеднички идеи и вредности. Нашата соработка не е површна или моментална, туку се базира на длабоко верување, упорност а некогаш и лудост. Заедно градиме мрежа што не само што ги обединува различните културни акции, туку и ја зајакнува отпорноста и креативноста на критичката културна сцена во Скопје.
Трн: Кој момент од изминатите десет години би го издвоиле како пресвртна точка?
Артан: Оваа година е пресвртна точка на КРИК фестивалот. Не толку поради наша одлука од колку на условите кои се менуваат околу нас а ние мораме да одговориме бидејќи тој е начинот кој сме го одбрале да го живееме. Само ако имаш слоновска кожа денес можеш да не ја осетиш болката на Палестинците, безнадежта на младите, мрзеливоста на мислата. Тешко дека некој може да остане рамнодушен денес, па затоа оваа година ја нарековме Преобразба. и Токму како што Сократ одамна има кажано, не преиспитаниот живот не вреди да се живее. Јас Искра и Тијана како клучен тим на КРИК, уште упорно преиспитуваме.