Интервју со Јелена Џокиќ, доцент на Машински факултет, отсек индустриски дизајн

Јелена Џокиќ: Ние не правиме калапи, туку градиме умови со критичко размислување!

Јелена Џокиќ, доцент на Машинскиот факултет во Скопје, е еден од водечките експерти во областа на индустрискиот дизајн во Македонија. Со исклучителна енергија и посветеност, таа инспирира генерации студенти да размислуваат креативно и да ја комбинираат естетиката со функционалноста. Низ нејзините предавања, но и практичните активности, Јелена не само што ги подучува младите инженери, туку и ги охрабрува да ги поместуваат границите на својата замисла. Нејзиното искуство вклучува бројни проекти, награди и соработки со индустрии, што ја прави вистински авторитет во својата професија. Со својата харизма и визија, Јелена е пример како образованието и професионализмот можат да се спојат во создавањето на иновативни решенија.

Трн:  Како индустрискиот дизајн ги спојува техниката и креативноста и што го прави уникатен на Машинскиот факултет во Скопје?

Јелена: Идејата на индустрискиот дизајн е да направи некаков мост, поврзување на уметноста и инженерството бидејќи инженерството самото во себе ја содржи креативноста меѓутоа оној естетскиот дел треба да го донесе индустрискиот дизајн. Идејата е да се задржи функционалноста, да ги направиме производите лесно да се изработат со актуелните технологии, но сепак тие да одговараат на потребите на луѓето, да сакаат да ги користат и пред се да сакаат да ги имаат во својот дом односно со својата естетика да пленат.

Трн: Од кога постои овој смер?

Јелена: Смерот постои од 2004 година, тоа значи дека минатата година одбележавме 20 години од неговото постоење. Во почетокот постоеше како три годишен студиски програм, професионални студии по индустриски дизајн меѓутоа поради зголемениот интерес на студентите и поради пред се барањата на пазарот увидовме дека треба да се трансформирам во 4 годишни студии и веќе во последните неколку години оди како таков програм од 2017 година.

Трн: Колку овој смер е атрактивен за младите денес и како се работи на негова промоција?

Јелена: Насоката пред се заради терминот дизајн е многу актуелна кај студентите уште од почетоците од 2004 година, но интересот се повеќе расте претпоставувам заради тоа што се гледаат и успесите на насоката и гледаат некаква иднина со оваа насока. Ние се обидуваме да учествуваме во меѓународни и домашни настани од областа на индустрискиот дизајн, да соработуваме со компании се со цел нашите студенти да бидат подобро подготвени за пазарот на трудот, меѓутоа и оние кои треба да ја изберат оваа професија да го видат тоа како добра можност.

Трн Колку студенти завршиле на овој отсек?

Јелена: Не можам точна бројка да дадам, но во почетоците ја пополнуваме квотата. Се исполнува целосно, со тоа што во почетокот на студиските програми, во првите години квотата беше 20 студенти и тоа беше само приватна квота, државата не финансираше, бидејќи сметаше дека е непотребна насоката. Меѓутоа кога видоа дека има преголем интерес дури квотата се зголеми на 80 студенти на што ние како факултет реагиравме бидејќи едноставно сметаме дека нашиот пазар ќе се презасити на тој начин. Така што во последните 10 тина година квотата ни е 40 студенти и ја исполнуваме редовно.

Трн: Дали сметаш дека овој отсек е доволно препознаен и ценет како професија?

Јелена: На запад е доста барано бидејќи е еден интересен спој на уметноста и инженерството а кај нас почнуваат да го препознаваат компаниите. На почетокот имавме сериозен проблем бидејќи компаниите не им беше малку јасно, не се ова машинци, не се уметници каде да ги позиционираме и на почетокот ние поради тоа што доаѓаме од машинскиот факултет контактиравме генерално со компании од инженерскиот сектор, и денес успешно соработуваме покрај компаниите и од зоните и наши компании и компании кои се занимаваат со маркетинг, со графички дизајн итн.

Трн: Кои се најчестите причини кои ги наведуваат студентите за да го изберат овој смер?

Јелена: Најчесто е можнноста за креативно изразување и можноста понатаму за вработување бидејќи им отвора доста широки можности.

Трн: Како ги мотивирате студентите?

Јелена: Па ние се обидуваме постојано да ги следиме трендовите и во светски рамки и реализираме доста соработки како со институции и кај нас но и генерално низ Европа каде што студентите можат да видат дека она што тие го учат е ина што ние на некој начин го пропагираме како вредности и знаење дека истото владее и во останатите земји на Европа па и светот.  Јасно им е дека тоа е патот до успехот.

Трн: Дали има пример од студентски проекти што особено импресионираат?

Јелена: Во последните години воведовме предмет проект којшто идејата е студентите да работат еден пообемен проект во соработка со компанија, имаме предмет пракса и предмет проект којшто ги спојуваме во едно и токму таа е идејата да се оди на некаков поголем, покомплексен проект и многу поблиску до реално решение и изведба и увидуваме доста голем интерес од компаниите за соработка а од друга страна и големо задоволство од страна на студентите. Работиме во изработка на графички решенија, веб страни, дизајн на опаковки, понатаму нешто што почнавме е некаков одржлив дизајн, каде што студентите истражуваат нови материјали, био разградливи кои би можеле да ги заменат денешните пластики или во некој случај дрвото со што би го заштедиле.

Трн: Од кога ќе се избере материјалот кои се следните чекори?

Јелена: За да дојде пазарот, готов прозивод. Зависи од проблематиката и од производот, кога се дизајнира производ од био разградлив материјал, прво е да се дефинира материјалот и да се во некоја насока да се знае како производ. Различни групи на производи имаат различни правила. Да речеме ако тој оди во прехранбена индустрија тој треба да има низа на испитувања дали тој реагира со храната, не реагира. Ако е производ за деца тука треба да се испита дали е безбедно за деца, дали испушта некакви токсини или не испушта. Следно е да се видат неговите механички карактеристики за да се знае како може да се обликува и каков производ може да се направи од него. Дали има доволно цврстина, јакост , дали производот треба да има некаква одредена носивост. Кога ќе се дефинираат сите тие работи тогаш може да се размислува во која насока може да се користи тој материјал и дизајнерот зависно на тоа да креира одредени решенија. Потоа  се оди во производство. За да се започне со производство тука повторно има низа на проверки дали можже да се изработи сериски или не може и многу често тие иницијални концепти претрпуваат доста измени за да можат тие пред се произведат. Исто така се проверува дали ги исполнуваат сите оние стандарди за безбедност, за заштита итн, за да може да биде пласиран на одреден пазар.

Трн: Колку често студентите учествуваат на натпревари локални или меѓународни и дали имаат некакви успеси?

Јелена: Нашите студенти ги охрабруваме постојано да учествуваат, дури некогаш се случува да ги охрабриме во некој предмет, го инкорпорираме повикот. Во почетоците, прво претставување ни беше на Милано design week, 2012. Во меѓувреме учествуваа на некои национални натпревари,во Бугарија, во Србија, каде ги освојуваа првите три места. Во последните години доста често учествуваат на хакатони кои се организираат низ државата. Лани, на хакатонот освоија прво место, а годинава го делеа првото место со уште едно училиште. Понатаму организираме во соработка со Амбасадата на Италија, која често организира натпревари за графички дизајн и тука студентите имаат голем успех иако графичкиот дизајн ним не им е примарно нешто. Многу често се меѓу финалистите, првите 10.

Трн: Дали факултетот соработува со некои компании за развој на прототипови и слично?

Јелена: Многу често компаниите доаѓаат со некоја потреба за идејно решение па се организираат натпревари, каде што нши студенти од целиот факултет, можат да се пријават со неколку решенија. Имаше пред неколку години со Коначр, оваа година имаше со американска компанија каде што требаше да се понудат современи решенија за начинот на влегување и излегување од возилото. Нашите комапнии во регионот доста често не контатираат со различни барања. Во последните години интересот расте, бидејќи можеби во почетоците не знааеле што да очекуваат од оваа насока и какви барања може да има.

Трн: Што те инспирираше да се одлучиш за индустриски дизајн и како се одлучи за академска кариера?

Јелена: Прва генерација сум на насоката индустриски дизајн и донекаде знаев што можев да очекувам, но многу работи не ми беа јасни како ќе се одвива сѐ. Генерално беше заради таа интердисциплинарност, заради тоа што го сакам тој предизвик постојано да се втурнувам во нешто ново, непознато, и тоа беше некоја генерална мотивација, од друга страна што тој начин на техничко, инжинерско размислување ми бил малку поблизок, затоа и можеби се одлучив тука а не на Факултет за ликовни уметности или слично. Со академска кариера беше навистина многу спонтано, никогаш не сум се замислувала себеси како професор, бидејќи бев прва генерација што се запиша 2004, веќе од следната година бев демонстратор на низа предмети и после тоа работите доаѓаа едно по друго. Ако не би била професор, би сакала да работам во развоен центар, во некаква компанија која го има тој истражувачки елемент, а работата на факултет е делумно и тоа, бидејќи покрај тоа што работиме со студентите, работиме и доста на научно истражувачки проекти. Инаку како професор важам дека барам од студентите да се вложат повеќе, мислам дека сум професор кој што бара малку повеќе.

Особено радува кога ваш студент ќе успее понатаму и кога се враќаат после тоа со успешни приказни и со некои прокети кои ги започнале тука, па ги доработуваат понатаму во нивната професионална кариера.

Трн: Колку често слушаш од индустријата, дека теоријата е далеку од практиката и како одговараш на тоа?

Јелена: Како што спомнав доста соработуваме со компаниите, имаме на раководни позиции и наши студенти така што доста често разговараме на овие теми. На универзитет е доста комплексно, она што ние го предлагаме е некои специјализирани курсеви и преговараме со компаниите да понудат такви решенија со конкретни барања, што им треба, какви насоки, какви профили им требаат, а тогаш да се излезе со некоа дообука, курс и слично бидејќи основната дефиниција на универзитетското образование е вие да им дадете на студентите некоја основа, начин на размислување, а потоа компаниите треба да ги дообликуваат и да ги донасочат за нивните конкретни потреби.

Трн: Некои критичари велат дека индустрискиот дизајн повеќе се гледа како уметност отколку инжинерство, како одговарате на ова?

Јелена: Многу често и на запад овој факултет се наоѓа на Факултетот за применета уметност,меѓутоа ние се обидуваме бидејќи има многу факултети каде овој отсек е на машинскиот факултет и ние се обидуваме токму тоа. Кај нас порано беше многу позастапен инжинерскиот дел, а помалку уметничкиот. За мене би кажала дека е 60 со 40, бидејќи инжинерскиот дел за мене лично преовладува. Постојан судир е тоа. Секако отвора многу врати токму заради оваа интердисциплинарност.

Трн: Што би им препорачале на младите кои сакаат да се запишат на овој смер, но се уште се двоумат?

Јелена: Нас вратите постојани ни се отворени. Ние се обидуваме и преку социјалните мрежи за да бидат во тек пред сѐ средношколците. Доколку некој се размислува дали е ова вистинската професија за нив, мислам дека доколку сакаат работа која не е статична и бара доста посветување на време и внимание, која што нуди некој постојан предизвик, тоа е професијата за нив.

Трн: Каде би сакале овој отсек да го видите за 10 години?

Јелена: Веќе со овие 20 години го истапкавме патот, ама има уште луѓе институции кои што не знаат дека постои оваа насока, па еве за 10 години би сакала оваа насока да прерасне како водечка за индустријата и нешто што индустријата ќе го препознае

Трн: Што ти е најголем успех?

Јелена: Тој успех на студентите е нешто што ја дава таа гордост. Јас никако не сум помислувала дека некогаш ќе бидам професорка, прво имам многу трема, никогаш не сум сакала јавни говорења. На факултет бев едно женско со сите машки и сите беа некако незаинтересирани, се запишале така, нешто ново, 3 години е брзо да завршам. Мене ми беше многу интересно и професорите ме препознаа и некако спонатно природно доаѓаа работите. И никогаш не сум сакала да се поставувам така менторски што да прави некој или да не прави и сега со студентите  е сосема различно и баш треба да ги насочиш. Кога ќе дојдеш тука ја сфаќаш одговорноста што ја имаш и дека тие те гледаат како некој што треба да им каже дали е нешто добро и што понатаму да прават. Кај нас е тој проблем и го забележуваме се повеќе, дека студентите чекаат од тебе, така се научени ти да им кажеш што треба да прават и бараат одобрување дали е нешто во ред или не. Од соработките со странските универзитети сфаќаме дека таму е друг ставот. Таму е многу нормално ти да изразиш свој став, свое мислење, така што би поентирала со тоа дека постојано се обидувам да им дадам различни насоки на студентите со цел критичкото размислување да им го поттикнам. 

Фотограф: Надица Манева Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни