Дани Димитровска, пејачка

Дани Димитровска: Љубовта е лек против војната во себе

Дани Димитровска е звучно име на македонската поп-рок сцена. Таа има издадено три солистички албуми, и повеќе од 20 синглови. Впишана е како единствена македонска артистка која ја добила наградата за најдобар регионален МТВ Адриа изведувач. Со преку стотина концерти во Македонија, но и надвор од границите таа оставила печат како женски рок вокали. Има добиено голем број награди и препознатлива е по својата хуманитарна работа како „Амбасадор на добрата волја“ застапувајќи ја Централна Азија и Југоисточна Европа. Дани Димитровска е културен амбасадор, почесно наградена од Кралицата Нур од Јордан, како Амбасадор за пример. Во моментов работи на четвртиот авторски албум, а пред неколку дена го најави со синглот „Има љубов во нас”. Единствена професија со која се занимава и понатаму и останува музиката.

Трн:Има љубов во нас“ е името на новата песна, навистина го мислиш тоа?

Дани: Не треба да мислам, знам.. Знаеш и ти. Сите знаеме. Забораваме и потискаме, поради јакиот притисок, општествените стеги, пореметени вредности, воспитни програми… Љубов е нашата суштина, од неа сме создадени. Затоа е единствен лек против војната во себе.

Трн: И сега кога има љубов во нас, како ќе ја искористиме?

Дани: Да ја ослободиме од заборавената и заклучена фиока. Да и се препуштиме со целосна доверба. Да си дозволиме да чувствуваме и сочувствуваме.  Да бидеме лек за себе и за овој свет.    

Трн: Да имаш се на светот, ама ако немаш љубов…?

Дани: …Немаш ништо на светот.

Трн: Кому посакуваш мир низ текстот?

Дани: На тебе. На себе. На обичните и необичните луѓе. На оние со ниски побуди, на оние со благородни цели. На соседот, продавачот во маркет, на шивачката во фабрика, шоферот во градски превоз, на директорот, челникот и чистачот. Секому.Тоа е подарок и благослов за секого.

Трн: Остануваш доследна на звукот и синглот ти звучи како добра најава за новиот албум…

Дани: Материјалот е се уште во доработка, секоја изјава за датум на издавање никогаш не била доследна. Ќе излезе тогаш кога му е вистинското време. Содржината е издржана, стремеж кон промена… звукот очекуван, албумот е концептуално конкретен и со директни пораки.

Трн: Ќе следуваат нови видео спотови?

Дани: „Има љубов во нас“ е видео спот режиран од Марио Станковиќ, со асистенција на младата перспективна Ени Вучидолова, во продукција на 2by4. Следствено на добрата соработка и професипоначлен однос работиме на ново видео за следната песна.

Трн: И потоа на ред е концерт?

Дани: Концерт е посакувана цел, создаваме реалност за поволна клима за македонската музика. Чекор по чекор е одлична реченица за тренинг на трпение и фокус на моменталните дејствија.

Трн: За каков концерт сонуваш и кој сакаш да ти се качи на бина да отпеете една?

Дани: Ми се тресат колена од Anouk Skin (Skunk Anansie) и Sandra Nasic (Guano Apes)…  Тие се мои идоли, женски изведувачи борци, енергетски бомби, свесни за својата позиција и одговорност. Директни во обраќањето и нереални во изведбата.

Трн: Што ти е музиката, а што ти на неа?

Дани: Музиката ми е прв избор за изразување. Јас на неа сум и гласот, карика за да биде цела.

Трн: Кога не пееш, тогаш?

Дани: Пишувам… без логика и концепт. Тоа е моето ослободување од згужвани мисли.

Трн: Како е на македонската музичка сцена?

Дани: Кризираме како музичка култура. Медиумите и финансиските моќници диктираат исклучиво комерцијални музички производи, така се намалува просторот за избор. Алтернативната сцена скоро и да ја нема на мапа. Потребен е вентил за субкултурни појави за да имаме широка, но и вредносна музичка сцена.

Трн: Следен настап за да те слушне публиката?

Дани: Првата станица за ова лето е 30-ти јуни, Крушево (When in Krushevo fest).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни