Новата Концепција за гимназиско образование во Македонија предизвика бура од реакции – особено поради одлуката да се маргинализираат или целосно укинат предметите Филозофија, Логика и Етика. Додека креаторите на реформата тврдат дека промените ќе ги подготват учениците за модерното време, професорите и универзитетските експерти предупредуваат на опасните последици. Дали ова е крај за критичкото размислување во македонските училишта?
„Со спроведената анкета не се опфатени (не се анкетирани) претставниците на соодветните високообразовни и академски институции – МАНУ, УКИМ, кои нужно мора да бидат вклучени во вакви коренити образовни реформи“, вели Јулијана Јолевска, професорка по философија во скопската гимназија „Орце Николов“ со која поразговаравме на темата.
Трн: Кои се вашите главни забелешки во однос на предложената Концепција за гимназиско образование?
Јулијана: Промените во образованието секогаш треба да се воведуваат постепено, бавно, проследени со сериозни и детални анализи на слабостите во постоечкиот образовен модел, во кои ќе учествуваат сите релевантни чинители во образовниот процес. Ad hoc решенија и брзи коренити промени никогаш не довеле до добри резултати. Да го земеме за пример финскиот образовен систем, во 1968 година финското собрание ги донесе законите за новиот образовен систем, а истиот беше имплементиран постепено до 1994 година, по што следуваа уште неколку помали реформи. Следствено, клучот за успехот е долгогодишен процес на темелно истражување со вистинска методологија и прецизни инструменти, подигнување на квалитетот на наставата осовременување на постоечките наставни планови и програми, помал број ученици во класовите (20 до 25), а не бришење на цели подрачја на изучување, како што предлага новата Концепција за гимназиско образование.
Во понудената Концепција за гимназиско образование може да се воочат низа неправилности и противречности, како во методологијата на спроведеното истражување, така и во толкувањето на резултатите од истото.
Прво, како еден од клучните аргументи за промената на статусот на предметот Филозофија од задолжителен во изборен предмет, како и целосно исклучување на изборните предмети од корпусот филозофски дисциплини (Логика, Етика и Филозофија – изборен), во новата Концепција, се наведува спроведената анкета меѓу учениците во гимназиите. Наведената анкета е спроведена на почетокот на првото полугодие од учебната 2024/2025 на крајот на септември и првата недела од октомври, меѓу учениците од трета и четврта година гимназиско образование, во период кога тие воопшто не се запознаени со програмските содржини и придобивки од изучувањето на горенаведените наставни предмети бидејќи истите се изучуваат само во четврта година. Ученици кои немаат целосна слика за овие предмети не се во можност да донесат релевантни заклучоци за тоа дали треба или не треба да се изучуваат.
Во истражувањето за потребата од ревидирање на статусот на предметите не е наведено дали се консултирани останатите засегнати образовни институции – државните и приватните универзитети, ниту дали е консултиран Филозофскиот факултет и Институтот за филозофија при УКИМ Скопје како институции кои треба да учествуваат во изработката на наставните програми и материјали.
Со спроведената анкета не се опфатени (не се анкетирани) претставниците на соодветните високообразовни и академски институции – МАНУ, УКИМ, кои нужно мора да бидат вклучени во вакви коренити образовни реформи.
Второ, во новата концепција како главна цел на гимназиското образование се наведува „развивање на критичко размислување, истражувачки способности и вештини за решавање проблеми.“ (стр. 4), а потоа во образложението несоодветно се посочуваат природните науки, математиката, јазиците како клучни дисциплини кои придонесуваат за развојот на критичкото мислење (стр. 12). И самиот поим „критичко размислување“ е создаден од филозоф „ критичко размислување -во теоријата на образованието, начин на сознание со користење на делиберативно расудување и непристрасно испитување на информациите, за да се дојде до можно решение на одреден проблем. Од образовна/дидактичка перспектива, критичкото размислување опфаќа и збир на логички вештини што можат да се научат и склоност кон рефлексија и отворено истражување што може да се култивира/развива. Терминот критичко размислување е кованица на американскиот филозоф и едукатор Џон Дјуи, за првпат употребен во книгата „Како мислиме“ 1910 и беше усвоен од движењето за прогресивно образование како основна наставна цел што нуди динамична модерна алтернатива на традиционалните образовни методи како што е учењето напамет“ – Енциклопедија Британика.). Развојот на критичката свест е иманентна карактеристика на филозофијата, таа е единствена дисциплина која тежнее кон познание на целината на светот, се запрашува за целите на живеењето, дава хуманистичка визија на светот и гради критичка свест за своите поставки, посебните науки се немоќни пред овие проблеми. Ако се споредат сите шест цели на гимназиско образование посочени во новата Концепција и целите наведени во Наставна програма по филозофија за IV година, 2002 г., Логика за IV година, 2003 г., Филозофија – изборен за IV година, Етика за II и III година изборни, 2003 г. ќе се види нивно целосно согласување, која е тогаш логиката која стои позади маргинализирањето на предметот Филозофија и целосно укинување на предметите Логика и Етика. Прашањето е како ќе градиме образование, кое треба да овозможи целосен развој на личноста на ученикот во интелектуална смисла, без филозофија и логика и целосен развој на личноста на ученикот во морална смисла, без етика.
Таа потенцира дека за да се донесат било какви реформи во образованието, треба да се направи темелно истражување, да се консултира стручната фела, сите засегнати страни и потоа постепено да се воведуваат промените. Ad Hoc решенија се продуктивни и можат да донесат само штета и негативни последици.
Трн: Што ќе се добие, кои се „позитивните“ ефекти од предложената Концепција и што ќе се изгуби?
Јулијана: Оваа Концепција резултираше со еден позитивен ефект, ја обедини фелата, сите, и средношколските професори по филозофија и универзитетските професори од Институтот за филозофија сме согласни дека таа не е добра, не чини и имаме добри аргументи со кои го поткрепуваме овој став, а кои преку отворени и формални писма беа доставени до БРО и МОН и презентирани во јавноста.
Историјата на западната цивилизација памети еден момент на суспендирање на филозофската мисла, 529 година кога Јустинијан (неспорни се неговите заслуги за кодификација на Римското право) ги затвори сите филозофски школи во Атина, за да го спречи ширењето на паганските, еретички, филозофски идеи, што значеше крај за секоја критичка, слободоумна мисла и конечно втемелување на догматскиот начин на мислење. Вториот момент е сега, 2025 година, со укинувањето на корпусот филозофски предмети во Македонија (импликациите се локални, но не и помалку страшни). Дури и на ниво на семантика ова не е правилен чекор и е спротивен со декларативно поставените заложби (цели) во оваа нова Концепција.
Трн: Дали сте имале можност да учествувате во јавната расправа за Концепцијата, и ако да, дали вашите забелешки или било чии забелешки беа земени предвид?
Јулијана: Јавна расправа за Концепцијата во вистинска смисла, како отворени стручни дебати, форуми, дискусии со релевантни чинители од образовните институции досега немало, комуникацијата е еднонасочна и сведена на испраќање мејлови со мислења, забелешки и предлози до БРО и МОН, а дали нашите аргументирани забелешки ќе бидат земени предвид, ќе видиме кога измените на Законот за средно образование ќе влезат во собраниска процедура или ако следува повлекување на Концепцијата во целост.
Трн: Кои се вашите предлози за подобрување на гимназиското образование без да се исклучат овие клучни предмети?
Јулијана: Несериозно е да се даваат предлози за корените промени доколку не се придружени со темелна, методолошки правилна анализа на клучните проблеми и слабости на постоечкиот образовен модел, во која ќе учествуваат сите релевантни институции и чинителите во образовниот процес. Додека не се изготви и спроведе такво истражување, треба да се задржи актуелниот модел на гимназиско образование, а што поскоро да се осовременат постоечките наставни планови и програми по сите предмети и во однос на тие промени да се изготваат квалитетни учебници, наставни помагала и дидактички материјали.