Станува збор за приказна инспирирана од митот за Херкул, но сместена на американскиот Југ за време на Големата депресија. Мартин ќе работи на сценариото за анимиран филм.
Како и секојпат кога Мартин најавува проект што не е поврзан со „Ветровите на зимата“ – шестиот дел од серијалот Песна за мраз и оган – фановите реагираа со истите прашања и критики. Тој не остана должен.
„Знам, знам. Ќе се налутите затоа што пак не е за Вестерос. Ќе велите дека никогаш нема да ја завршам ‘Ветровите’, дека треба некој друг да ја напише книгата, дека сум стар, дека меќе не ми е грижа. Но вистината е – ми е грижа. За Тирион, за Дени, за Сноу, за змаевите и волците. Повеќе отколку што можете да замислите“, напиша Мартин.
Тој работи на „Ветровите на зимата“ уште од 2010 година. Последната објавена книга од серијалот – „Танц со змејови“ – излезе во 2011. Од тогаш, авторот неколкупати изрази фрустрација и „очај“ околу сопствениот напредок.
Освен новиот филмски проект, Мартин спомена дека работи и на други обврски поврзани со HBO сериите и на книгите од серијалот „Диви карти“, за кои исто така добил негативни коментари.
„Сакам само сите да можете да ја споделите мојата возбуда околу можноста за овој нов филм“, завршува Мартин, оставајќи ги фановите повторно да се прашуваат – кога конечно ќе дојде зимата?