Џиновски астероид може да удри во Месечината во 2032 година и да исфрли остатоци кон Земјата

Истражувачите велат дека сателитите може да бидат во ризик, а ударот може да предизвика спектакуларен метеорски дожд на небото

Доколку џиновски астероид удри во Месечината во 2032 година, тоа би можело да исфрли месечеви остатоци кон Земјата, соопштија истражувачи, што би претставувало ризик за сателитите, но и можност за редок и спектакуларен метеорски дожд видлив на небото.

Астероидот 2024 YR4 предизвика активација на планетарната одбранбена програма претходно оваа година, откако набљудувањата со телескоп покажаа дека т.н. „убиец на градови“ има 3% шанса да се судри со Земјата.

Подоцнежните набљудувања утврдија дека веројатноста астероидот, кој се проценува дека е широк 53 до 67 метри, да ја погоди Земјата е занемарливо мала – 0.0017%. Но, Месечината сè уште е под закана.

Според податоците од телескопот Џејмс Веб, шансите за удар врз Месечината сега се зголемени на 4.3%.

Истражување објавено овој месец од канадски универзитети, кое сè уште не е рецензирано, прикажува симулации на можен удар на астероидот врз Месечината и исфрлање карпи кои би можеле да се упатат кон Земјата.

Според симулациите, ударот би можел да создаде кратер со дијаметар од околу 1 километар и да исфрли милиони килограми остатоци надвор од орбитата на Месечината, кои би стигнале до Земјата неколку дена подоцна.

Можно влијание на астероидот 2024 YR4 врз Месечината во декември 2032


„Ако 2024 YR4 ја удри Месечината во 2032, тоа (статистички гледано) ќе биде најголемиот удар во изминатите околу 5.000 години,“ стои во извештајот. „Метеорскиот дожд што би следел на Земјата би можел да биде спектакуларен.“

Додека повеќето месечеви камења со големина од милиметар до сантиметар би изгореле во атмосферата на Земјата и не би претставувале закана за луѓето, дел од материјалот би можел да остане во орбитата на Земјата, претставувајќи ризик за сателити, вселенски летала и астронаути.

Главниот автор на студијата, д-р Пол Вигерт од Универзитетот Вестерн Онтарио, за агенцијата AFP изјави дека ударот на површината на Месечината би бил „споредлив со голема нуклеарна експлозија во однос на ослободената енергија“.

„Карпа со големина од сантиметар што патува со десетици илјади метри во секунда е многу слична на куршум“, додаде тој.

Наодите покажуваат дека „планетарната одбрана“ треба да ги вклучи и ризиците за подрачја надвор од блиската околина на Земјата, се вели во студијата.

НАСА веќе ја тестираше одбраната од астероиди

НАСА и други национални вселенски агенции долго време ги следат астероидите и кометите што би можеле да ја загрозат планетата – и работат на стратегии за справување со потенцијален удар – но Месечината досега била во втор план.

Во 2022 година, НАСА го тестираше своето решение за одвраќање на астероид со тоа што го удри својот вселенски брод DART во астероидот Диморфос, успешно менувајќи ја неговата орбита. Мисијата се сметаше за пробен тест за идни потенцијално опасни објекти.

Астероидот 2024 YR4, кој орбитира околу Сонцето, сега е премногу оддалечен за да биде детално набљудуван и не се очекува да биде повторно видлив до 2028 година, кога научниците ќе можат повторно да ја проценат неговата големина и траекторија.

И покрај претходните грижи дека ударот со Месечината би можел да ја промени нејзината орбита околу Земјата, НАСА го отфрли тој сценарио во април откако повторно ја процени големината на астероидот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни