„Џифони Македонија“ ги зближува и сплотува младите од целиот свет

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ продолжува да ја слави својата уникатна космополитска атмосфера, привлекувајќи млади од различни земји и создавајќи простор за културна размена, инспирација и нови пријателства. Годинава, во Скопје пристигнаа учесници од Србија, Ирска, Косово, Хрватска, Италија и други земји, а кулминација на оваа мултикултурна средба беше Интернационалната вечер, една од омилените традиции на џифонците.

Во холот пред киното „Фросина“ синоќа се одржа вечер исполнета со музика, смеа и дегустација на традиционални јадења од различни земји. Младите се дружеа преку вкусната храна, брзо празнејќи ги масите, но во исто време зближувајќи се и разменувајќи искуства од своите култури. Интернационалната вечер не е само настан за уживање во деликатесите, туку и можност за младите да научат нешто ново за своите врсници, да изградат меѓусебно разбирање и да го негуваат космополитскиот дух што го носи „Џифони“.

Еден од најочекуваните настани на фестивалот беше синоќешната средба со јутјуберот и музичар Иван Ајнштајн, кој ја наполни салата на „Фросина“ до последно место. Ајнштајн го освои вниманието на публиката зборувајќи искрено околу неговиот професионален пат. Тој е познат и по својот уникатен креативен процес, комбинирајќи музика со видеомонтажа и снимање, што е од голем интерес за младите филмаџии и креативци на фестивалот.

За време на својата интеракција со џифонците, Ајнштајн имаше можност да сподели дел од своето професионално патување и креативни предизвици, што дополнително ги инспирираше младите. Неговата способност да раскажува приказни преку различни медиуми создаде одлична можност за учење и мотивација за сите присутни, особено за оние кои се заинтересирани за музика, монтажа или дигитална продукција.

Сепак, магијата на „Џифони Македонија“ не лежи само во забавните активности и културните случувања. Вистинската вредност на фестивалот е во духот на заедништво и позитивната енергија што младите ја носат со себе. Разновидноста на културите и креативноста што се спојуваат на едно место ја создаваат најубавата слика на фестивалот, каде младите не само што се запознаваат, туку и создаваат врски кои ќе траат долго време.

Во прилог на текстот, можете да ја погледнете фотогалеријата од вчерашните настани кои нашата фотографка Надица Манева Ангеловски вешто ги улови со нејзиниот фотоапарат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни