Македонската актерка Јована Миладинова за улогата на Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“ на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во режија на Андриј Жолдак доби награда за најдобра млада актерка „Рејхан Демиржиќ“ на Меѓународниот фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево, МЕСС.
Одлуката за наградата, во отсуство на Миладинова, жири-комисијата ја соопшти вчера на затворање на фестивалот. Оваа претстава на Велешкиот театар на МЕСС во Сараево на сцената беше одиграна со голем успех на 6 октомври. Одлуката ја донесе жирито во состав: Изудин Бајровиќ, актер, Горчин Стојановиќ, режисер и Ана Вукотиќ, режисерка.
– Јована Миладинова, како Изабела, ја носи претставата „Едвард Втори“ на своите младешки, кревки, но театарски моќни рамена, правејќи застрашувачкото барање на оваа физички, емотивно и психолошки вонсериски тешка изведба да изгледа лесно и едноставно, речиси лелеаво. Тоа го постигнува со највисок степен на концентрација, прецизност, посветеност, актерска храброст – речиси дрскост, објавувајќи ја на тој начин својата исклучителна дарба, која несомнено ќе трае и во нејзините идни улоги, се вели во образложението на жири-комисијата.
Ова е трета награда на Јована Миладинова по Наградата за искучително уметничко остварување на „Сцена на Крстопат“ во Пловдив, Бугарија, и Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Како што информираат од Велешкиот театар, следната изведба на „Едвард Втори“ е на Меѓународниот театарски фестивал во Никшиќ, Црна Гора следниот месец