Цветановски во Бразил изјави дека Сао Паоло има посебна енергија, и е милионски град со вибрантна културна сцена и развиена почит за уметноста.
– Номинацијата за најдобар филм и најдобар нов режисер е признание со кое целиот тим се гордее. Бразил е земја која одамна сонував да ја посетам, и се надевам дека ова е само прво од моите идни патешествија во Јужна Америка – рече Цветановски.

„Јон Вардар против Галаксијата“ е најголемиот копродукциски проект на Балканот. Изработен е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска. Xумористичната приказна e за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси.
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.