„Јод“, нов роман од Снежана Младеновска Анѓелков

Од печат излезе новиот роман од Снежана Младеновска Анѓелков насловен „Јод“, како 231 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Лауреатката која за својата прва книжевна објава „Единаесет жени“ ја доби престижната награда „Роман на годината “ на „Утрински весник“ за 2011 година, и овој пат со нејзиниот бескомпромисен и директен стил на пишување, ни раскажува за светот околу нас и она во што тој се претвори.

Иако нејзините романи се куси, по нивното читање се чини како да содржат многу повеќе страници од онолку колку што тие навистина се. Тоа упатува на густината на текстот и пораките што истиот сака да ни ги пренесе. По „Молчи со отворена уста“ и „Луѓето, а не градот“, Младеновска Анѓелков со новата книга продолжува да ја чекори книжевната патека која веќе десетина години успешно ја трасира до нејзините верни читатели. „Јод“, дефинитивно, нема да ве разочара, туку напротив, ќе отвори нови прозорци за промислување и дебатирање за актуелни теми, што е и целта на добрата литература.

Снежана Младеновска Анѓелков (Скопје, 1977) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година.

Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истиот потоа доживеа уште четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“.

Застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press, како и во хрватското списание за литература „Artikulacije“ (2023) и „Michigan Quarterly Review“ (Fall 2024) објавено од Универзитетот во Мичиген, САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни