Трн: Како индустрискиот дизајн ги спојува техниката и креативноста и што го прави уникатен на Машинскиот факултет во Скопје?
Јелена: Идејата на индустрискиот дизајн е да направи некаков мост, поврзување на уметноста и инженерството бидејќи инженерството самото во себе ја содржи креативноста меѓутоа оној естетскиот дел треба да го донесе индустрискиот дизајн. Идејата е да се задржи функционалноста, да ги направиме производите лесно да се изработат со актуелните технологии, но сепак тие да одговараат на потребите на луѓето, да сакаат да ги користат и пред се да сакаат да ги имаат во својот дом односно со својата естетика да пленат.
Трн: Од кога постои овој смер?
Јелена: Смерот постои од 2004 година, тоа значи дека минатата година одбележавме 20 години од неговото постоење. Во почетокот постоеше како три годишен студиски програм, професионални студии по индустриски дизајн меѓутоа поради зголемениот интерес на студентите и поради пред се барањата на пазарот увидовме дека треба да се трансформирам во 4 годишни студии и веќе во последните неколку години оди како таков програм од 2017 година.
Трн: Колку овој смер е атрактивен за младите денес и како се работи на негова промоција?
Јелена: Насоката пред се заради терминот дизајн е многу актуелна кај студентите уште од почетоците од 2004 година, но интересот се повеќе расте претпоставувам заради тоа што се гледаат и успесите на насоката и гледаат некаква иднина со оваа насока. Ние се обидуваме да учествуваме во меѓународни и домашни настани од областа на индустрискиот дизајн, да соработуваме со компании се со цел нашите студенти да бидат подобро подготвени за пазарот на трудот, меѓутоа и оние кои треба да ја изберат оваа професија да го видат тоа како добра можност.
Трн Колку студенти завршиле на овој отсек?
Јелена: Не можам точна бројка да дадам, но во почетоците ја пополнуваме квотата. Се исполнува целосно, со тоа што во почетокот на студиските програми, во првите години квотата беше 20 студенти и тоа беше само приватна квота, државата не финансираше, бидејќи сметаше дека е непотребна насоката. Меѓутоа кога видоа дека има преголем интерес дури квотата се зголеми на 80 студенти на што ние како факултет реагиравме бидејќи едноставно сметаме дека нашиот пазар ќе се презасити на тој начин. Така што во последните 10 тина година квотата ни е 40 студенти и ја исполнуваме редовно.
Трн: Дали сметаш дека овој отсек е доволно препознаен и ценет како професија?
Јелена: На запад е доста барана професија бидејќи е еден интересен спој на уметноста и инженерството, но и кај нас почнуваат да го препознаваат компаниите. На почетокот имавме сериозен проблем бидејќи на компаниите не им беше јасно каде да ги сместат и какви задачи да им дадат со оглед дека тоа не се ниту машински инженери, ниту уметници. Исто така и на нас како факултет ни беше потешко да најдеме соодветни соработници. Но со текот на времето, мислам дека компаниите го препознаа она што го работиме, а и студентите успеаа сами да се издвојат со своето знаење и квалитет. Денес имаме успешна соработка со повеќе компании од инженерскиот сектор, но исто така и компании кои се занимаваат со маркетинг, графички дизајн, анимација итн.
Трн: Кои се најчестите причини кои ги наведуваат студентите за да го изберат овој смер?
Јелена: Најчесто е можнноста за креативно изразување и можноста понатаму за вработување бидејќи им отвора доста широки можности.
Трн: Како ги мотивирате студентите?
Јелена: Покрај константната работа со студентите, се обидуваме постојано да ги следиме трендовите во областа. Соработуваме со институции и факултети од различни области како во државата, така и надвор од неа со цел на студентите да им отвориме повеќе можности, да видат различни начини на работење, но во исто време да видат дека вредностите што ги пропагираме и знаењето е универзално. Јасно им е дека тоа е патот до успехот.
Трн: Дали има пример од студентски проекти што особено импресионираат?
Јелена: Во последните години воведовме предмети Проект и Пракса кои ги спојуваме, а идејата е студентите да работат еден пообемен проект во соработка со компанија и ментор од факултетот. На овој начин студентите имаат можност да се запознаат со изработката на производ во реални услови и самите да дадат многу подетално и покомплексно решение. можам навистина да издвојам. Работиме на изработка на производи за широка потрошувачка, машини и апарати, возила, графички решенија, веб страни, дизајн на опаковки, а во последно време почнавме и со работа во областа на одржливиот дизајн, каде што студентите истражуваат нови материјали, био разградливи кои би можеле да ги заменат денешните пластики, но исто така и дрво во одредени случаи.
Трн: Од кога ќе се избере материјалот кои се следните чекори?
Јелена: Во различни ситуации, пристапот на дизајнирање е различен. Некогаш клиентот бара дизајн решение за уред, машина, а дизајнерот треба да реши како ќе изгледа и кој материјал ќе се користи. Во одредени случаи, клиентот има одредена технологија за изработка на производот и тоа го условува материјалот, па дизајнерот треба да најде решение за функционалноста и обликот на производот од конкретниот материјал.
Понатаму постојат низа правила и регулативи на кои треба да се внимава кога се дизајнира производ за одредена категорија или пазар. Дали станува збор за опаковка за прехрамбена индустрија или детска играчка, барањата и регулативите многу се разликуваат.
Она што е особено актуелно во светот последните години, а и кај нашите студенти се новите материјали. Иако не е тоа наша специјалност, сепак во рамки на предметот Еко дизајн, експериментираме со нови био одржливи материјали добиени од отпад, како: талог од кафе, лушпи од јаткасти плодови, лушпи од цитрусни производи. Кога имаме нов материјал, треба да се проверат можностите на материјалот за постигнување на форма и структура, хемиските и механичките карактеристики на материјалот, бидејќи сето тоа условува за каков производ може да се искористи материјалот.
Кога веќе имаме готово концептно дизајн решение треба да се провери дали производот ги исполнува стандардите за безбедност и специфичните стандарди за пласирање на одреден пазар и правни регулативи.
Дизајнерот иако не може да одлучува во одредени фази од животниот циклус на производот, тој би требало да е вклучен во сите, со цел да може да го дизајнира производот кој ќе може лесно да се изработи со расположливата технологија, да ги задоволи барањата на целната група, да има долг животен век, а по неговото отфрлање, да може соодветно да биде третира (реупотреби, репроизведе, рециклира) и да не претставува дополнителен товар на општеството.
Трн: Колку често студентите учествуваат на натпревари локални или меѓународни и дали имаат некакви успеси?
Јелена: Нашите студенти ги охрабруваме постојано да учествуваат, дури некогаш се случува да ги охрабриме во некој предмет, го инкорпорираме повикот. Во почетоците, прво претставување ни беше на Милано design week, 2012. Во меѓувреме учествуваа на некои национални натпревари,во Бугарија, во Србија, каде ги освојуваа првите три места. Во последните години доста често учествуваат на хакатони кои се организираат низ државата. Лани, на хакатонот освоија прво место, а годинава го делеа првото место со уште едно училиште. Понатаму организираме во соработка со Амбасадата на Италија, која често организира натпревари за графички дизајн и тука студентите имаат голем успех иако графичкиот дизајн ним не им е примарно нешто. Многу често се меѓу финалистите, првите 10.
Трн: Дали факултетот соработува со некои компании за развој на прототипови и слично?
Јелена: Како што спомнав имаме навистина добра соработка со компаниите и често ни излегуваат во пресрет кога е потребно да се изработи прототип со технологија која ја немаме факултетот.
Но исто така имаме и обратна ситуација, кога компаниите бараат од нашите студенти ново идејно решение. Зависно од проблематиката, тоа може да се решава на различни начини. Но во случаи кога станува збор за покомплексни задачи, кога треба да се вклучат студенти од различни профили, на ниво на факултетот организираме натпревари Team Win. До сега сме имаме три вакви натпревари со одличен одзив на студентите, но и големо задоволство на компаниите.
Трн: Што те инспирираше да се одлучиш за индустриски дизајн и како се одлучи за академска кариера?
Трн: Што те инспирираше да се одлучиш за индустриски дизајн и како се одлучи за академска кариера?
Јелена: Прва генерација сум на насоката индустриски дизајн и имав одредени очекувања при запишувањето, но многу работи не ми беа јасни, со самото тоа што беше нешто комплетно ново кај нас. Главната мотивација за избор на оваа професија ми беше интердисциплинарноста, професијата индустриски дизајн во себе носи интересна комбинација на инженерство и уметноста, но во одредени случаии и многу повеќе.
Никогаш не сум размислувала за академска кариера, се се случи навистина спонтано, од втората година на студиите, па се до моето вработување бев демонстратор на најразлични предмети. Паралелно на тоа работев на истражувачки и развојни проекти на факултетот, што во суштина најмногу ме исполнува. Како професор барам секогаш од студентите да вложат повеќе време и внимание во решавањето на одреден проблем, бидејќи сметам дека само така ќе дојдат до ново, иновативно и уникатно решение. На факултетот како помлад асистент сум вработена во 2011 година, но дури откако станав доцент во 2020 година ја осетив одговорноста која ја носи академската кариер. Вие имате можност да ги обликувате новите креативни умови, а тоа е навистина сериозна работа.
Особено радува кога завршени студенти се враќаат со успешни приказни, пред се задоволни и исполнети од она што го работат.
Трн: Колку често слушаш од индустријата, дека теоријата е далеку од практиката и како одговараш на тоа?
Јелена: Како што спомнав доста соработуваме со компаниите, имаме на раководни позиции и наши студенти така што доста често разговараме на овие теми. На универзитет е доста комплексно, она што ние го предлагаме е некои специјализирани курсеви и преговараме со компаниите да понудат такви решенија со конкретни барања, што им треба, какви насоки, какви профили им требаат, а тогаш да се излезе со некоа дообука, курс и слично бидејќи основната дефиниција на универзитетското образование е вие да им дадете на студентите некоја основа, начин на размислување, а потоа компаниите треба да ги дообликуваат и да ги донасочат за нивните конкретни потреби.
Трн: Некои критичари велат дека индустрискиот дизајн повеќе се гледа како уметност отколку инжинерство, како одговарате на ова?
Јелена: Многу често и на запад овој факултет се наоѓа на Факултетот за применета уметност,меѓутоа ние се обидуваме бидејќи има многу факултети каде овој отсек е на машинскиот факултет и ние се обидуваме токму тоа. Кај нас порано беше многу позастапен инжинерскиот дел, а помалку уметничкиот. За мене би кажала дека е 60 со 40, бидејќи инжинерскиот дел за мене лично преовладува. Постојан судир е тоа. Секако отвора многу врати токму заради оваа интердисциплинарност.
Трн: Што би им препорачале на младите кои сакаат да се запишат на овој смер, но се уште се двоумат?
Јелена: Нас вратите постојани ни се отворени. Ние се обидуваме и преку социјалните мрежи за да бидат во тек пред сѐ средношколците. Доколку некој се размислува дали е ова вистинската професија за нив, мислам дека доколку сакаат работа која не е статична и бара доста посветување на време и внимание, која што нуди некој постојан предизвик, тоа е професијата за нив.
Трн: Каде би сакале овој отсек да го видите за 10 години?
Јелена: Веќе со овие 20 години го истапкавме патот, ама има уште луѓе институции кои што не знаат дека постои оваа насока, па еве за 10 години би сакала оваа насока да прерасне како водечка за индустријата и нешто што индустријата ќе го препознае
Трн: Што ти е најголем успех?
Јелена: Тој успех на студентите е нешто што ја дава таа гордост. Јас никако не сум помислувала дека некогаш ќе бидам професорка, прво имам многу трема, никогаш не сум сакала јавни говорења. На факултет бев едно женско со сите машки и сите беа некако незаинтересирани, се запишале така, нешто ново, 3 години е брзо да завршам. Мене ми беше многу интересно и професорите ме препознаа и некако спонатно природно доаѓаа работите. И никогаш не сум сакала да се поставувам така менторски што да прави некој или да не прави и сега со студентите е сосема различно и баш треба да ги насочиш. Кога ќе дојдеш тука ја сфаќаш одговорноста што ја имаш и дека тие те гледаат како некој што треба да им каже дали е нешто добро и што понатаму да прават. Кај нас е тој проблем и го забележуваме се повеќе, дека студентите чекаат од тебе, така се научени ти да им кажеш што треба да прават и бараат одобрување дали е нешто во ред или не. Од соработките со странските универзитети сфаќаме дека таму е друг ставот. Таму е многу нормално ти да изразиш свој став, свое мислење, така што би поентирала со тоа дека постојано се обидувам да им дадам различни насоки на студентите со цел критичкото размислување да им го поттикнам.
Фотограф: Надица Манева Ангеловски