Интервју со Елена Јованова Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Јазикот е нашето културно благо

„Имам повеќе македонски автори што ги читам за вдахновение, поттик, себеосознавање, а некогаш за мир и спокојство. На Вашево прашање се двоумам меѓу стиховите на Конески, Андреевски и големите мисли од Мисирков. Го избирам Петре М. Андреевски со Дениција, затоа што љубовта и татковината се инспирација и желба за живот“, истакнува Елена Јованова Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ со која поразговаравме за клучни теми за развој и поддршка на македонскиот јазик во оваа особено важна година, година на јубилеи за македонскиот јазик кога се одбележуваат 80 години од усвојувањето на македонската азбука.

Трн: Оваа година Институтот за македонски јазик одбележува 55 години од постоењето на објектот. Како се чувствувате што го водите овој важен центар за македонската лингвистика во еден толку значаен јубилеен момент?

Елена: Да се биде директор на национален институт што е стожер на македонскиот јазик е навистина голема и одговорна задача која дава резултати само ако сте прв меѓу еднаквите  колеги научници. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје е формиран во 1953 година, но на почетокот функционирал во други објекти, па и бараки. Со добивањето свој современ и функционален објект пред 55 години, Институтот за македонски јазик се зацврстува како посебна институција со картотеки и со свој кадар во пет одделенија, и тоа: одделение за историја на македонскиот јазик, одделение за современ македонски јазик, одделение за дијалектологија, одделение за лексикологија и лексикографија и одделение за ономастика.

Во последниве три години во Институтот започнавме со работа на две нови области: комуникологија и индоевропеистика. Управата за заштита на културното наследство пред петнаесетина години ги прогласи картотеките во Институтот (пополнувани низ децениите од макотрпната и исцрпна работа на еминентни лингвисти) за нематеријално културно наследство, а пред неколку години Министерството за култура целосно ги дигитализира материјалите во картотеките. Во просториите на Институтот се одржува настава и консултации за нашите едногодишни и двегодишни постдипломски студии по „Македонистика со комуникологија“ , како и за докторските студии по македонски јазик што ги одржуваме заедно со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Трн: Еден од значајните настани оваа година е одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Трајко Стаматоски. Каква беше неговата улога за македонскиот јазик и како Институтот го почитува неговото наследство?

Елена: Трајко Стаматоски е меѓу најзначајните лингвисти македонисти и еден од основачите на Институтот. Тој не само што беше врвен научник, истражувач на македонскиот јазик, туку и негов активен чувар и промотор во земјата и во странство. Стаматоски беше и долгогодишен успешен директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (1973–1986). Тој е основач, прв и долгогодишен раководител на одделението за македонска ономастика. Автор е на голем број трудови и монографии и коавтор на првиот Речник на македонскиот јазик (1961-1966). Неговата работа опфаќа повеќе аспекти од македонскиот јазик – ономастика, дијалектологија, лексикологија, стандардизација – од теорија до практична примена, што му обезбеди трајно место на авторитет во македонската филологија. Делата на Трајко Стаматоски претставуваат основа на која се повикуваме во нашите истражувања, и на тој начин го оживуваме неговото дело.

Годинава, покрај пригодно одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Трајко Стаматоски (6.5.1925), во рамките на Меѓународната конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“, ќе имаме и посебна сесија посветена на неговиот лик и дело, а ќе направиме обиди и за дигитализирање на неговите дела во издание на Институтот.

Трн: Кои се најголемите предизвици со кои се соочува македонскиот јазик денес?

Елена: Македонскиот јазик, како и повеќето јазици, се соочува со низа предизвици поврзани со глобализацијата, технолошките промени и културните влијанија. Еден од клучните предизвици е, секако, зголемената употреба на англизми и на заемки. Тоа доведува до неконтролирано истиснување на постојните македонски зборови и нарушување на нормата на стандардниот македонски јазик. Ваквата тенденција особено се забележува кај младите, кои се, пред сè, изложени, а и претпочитаат содржини на англиски јазик. Големо влијание и одговорност овде имаат родителите, наставниците и медиумите.

Трн: Кои чекори, според вас, се најважни за зачувување и унапредување на македонскиот јазик во иднина?

Елена: „Јазикот е нашето културно благо“ вели Крсте Мисирков и затоа, ние, како родени говорители на македонскиот јазик, имаме долг кон нашите предци и одговорност за негово зачувување и негување. Неопходно е да ја поттикнеме љубовта и грижата за мајчиниот јазик, особено кај младите. За нас како Институт, важно е да имаме континуирана финансиска и друга поддршка од државата за лингвистички истражувања во рамките на национални проекти, чија цел ќе биде проучување и унапредување на македонскиот јазик и заштита на културното наследство. Потребна ни е поддршка за учество и организирање на меѓународни научни конференции, трибини и работилници  со еминентни македонистички и славистички имиња.  Потребни се промени во образовниот систем. Треба да се унапредат содржините по предметот Македонски јазик во основните и во средните училишта, со примена на современи наставни методи и дигитални ресурси, што ќе бидат привлечни за младите. Во контекст на ова би ја спомнала и важноста на развојот на видеоигри и на анимирани видеа на македонски јазик за едукативни цели. Институтот неодамна склучи меморандум за соработка со Македонската асоцијација за развој на видеоигри и се залагаме за реализација на оваа идеја. Потребни се обуки за наставниците, за новинарите, за преведувачите, но и за младите на коишто ќе се дискутираат проблемите со кои се среќаваме во поглед на јазикот. Треба да се дискутира и за примената на вештачката интелигенција и на технологијата во наставата и во научноистражувачката дејност од аспект на македонскиот јазик. Ние веќе работиме на ова поле. Меѓу другото, потпишавме меморандум за соработка со Факултетот за електротехнички и информациски науки при УКИМ, а планираме да ја прошириме и соработката со други институции и факултети. Во ерата на вештачка интелигенција, неопходна е соработка меѓу лингвистите и информатичарите. Ние сè уште немаме свој национален корпус и мора активно да се заложиме и со здружени сили да ја оствариме и оваа идеја, којашто не е нова, но, за жал, сè уште не е реализирана.

Трн: Некои велат дека македонскиот јазик е недоволно застапен во дигиталниот простор. Дали Институтот има планови за поголемо дигитално присуство на македонскиот јазик?

 Елена: Како што веќе споменав, Институтот одамна има заложби за создавање национален корпус. Подготвени сме да формираме тим и да соработуваме со експерти од областа на информатиката, но не можеме без поддршка од државните, па и од приватните институции и организации. Покрај финансиска поддршка, потребни ни се и ресурси на македонски јазик. Се залагаме за дигитализација на сите речници што се во издание на Институтот, а ги има многу (Речник на македонската народна поезија, Речник на презимињата кај Македонците, Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција, Интенцијално-синтаксички речник на македонските глаголи, Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, кој е во фаза на изработка, итн.). Авторите од Институтот, им ги отстапија на користење на сите граѓани Правописот на македонскиот јазик (pravopis.mk) и Официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик (makedonski.gov.mk).

Трн: Единствената спомен-соба на Крсте Мисирков е дел од Институтот. Колку Македонците знаат кој е Мисирков и колкаво е значењето на неговото дело?

Елена: Не верувам дека има Македонец што не слушнал за Мисирков и за неговото дело. Секој што минал низ образовниот систем, имал можност да слушне за Мисирков и да се запознае барем накратко со неговото дело и со неговиот придонес за македонскиот јазик. Спомен-собата на Мисирков редовно ја посетуваат ученици и студенти од Скопје и од другите градови. Станува збор за современа музејска поставка, единствена во светот, што ние бесплатно им ја претставуваме на сите посетители од земјава и од странство. Во рамките на овие посети, неколку помлади колешки, под менторство на наша искусна професорка, им држат предавања на посетителите за животниот пат на Мисирков.

Трн: Станавте многу повидливи. Што променивте во начинот на кој Институтот комуницира со пошироката јавност?

Елена: За видливоста на Институтот, голем придонес имаат медиумите. Ние се залагаме за транспарентно информирање на медиумите и на сите државни органи и институции за активностите во Институтот. А, ги имаме многу. Ги пречекавме директорите и деканите на националните институти и факултети од регионот и разменивме искуства. Најновите склучени договори за соработка ни се со Институтот за српски јазик од Белград, Институтот за јазици од Сараево, Филозофскиот факултет од Ниш, Универзитетот „Гоце Делчев“ со Филолошкиот факултет од Штип…  Ја проширивме соработката и со други институции, како на пример, Академијата Бреинстер, Македонската асоцијација за развој на видеоигри, ФЕИТ итн. Организиравме конкурс за најдобар есеј за ученици од основните и од средните училишта и за студентите. Одбележавме повеќе значајни годишнини и јубилеи. Организиравме јавно претставување на резултатите од последниот завршен проект „Лексиката во македонската народна проза“. Редовно одржуваме промоции на најновите институтски изданија. Ги организираме Отворените денови на Институтот за македонски јазик и Деновите на Благоја Корубин. Годишно организираме три научни конференции, од кои две меѓународни. Ги отвораме вратите на Институтот за учениците и студентите за заедничко чествување на Денот на македонскиот јазик и на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Трн: Дали на крајот на денот сте задоволни со вашата работа во Институтот и дали сметате дека е поставен на начин кој може да одговори на потребите на македонската лингвистика во 21 век?

Елена: Резултатите од работата на Институтот, ми се чини, се видливи. Секогаш може уште повеќе. Задоволна сум што го подновивме Институтот со информатичка и друга опрема, што ја зголемивме издавачката продукција со квалитетни научни трудови и особено сум задоволна што по 24 години вработивме 16 млади амбициозни луѓе, од кои 13 асистенти и научни соработници. Време е за дополнително информатичко подновување и за уште неколку вработувања. На тој начин ќе можеме да одговориме на потребите на македонистиката. Моја должност е максимално да се вложувам и да се залагам за доброто на Институтот, а, успехот, секако е на целиот колектив. Среќна сум што имам поддршка и заедно работиме научниците, професорите, асистентите, целиот колектив.

Трн: Кој е ваш омилен стих од македонски автор?

Елена:Имам повеќе македонски автори што ги читам за вдахновение, поттик, себеосознавање, а некогаш за мир и спокојство. На Вашево прашање се двоумам меѓу стиховите на Конески, Андреевски и големите мисли од Мисирков. Го избирам Петре М. Андреевски со Дениција, затоа што љубовта и татковината се инспирација и желба за живот.

Кога ја љубев Дениција,

како да учествував во создавањето

на првата македонска држава.

                                (Дениција, Петре М. Андреевски)

Фотограф: Надица Манева Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни