Јапонија напредува во квантната трка: Развиен суперспроводлив квантен компјутер со 256 кубити

Компјутерот е резултат на соработка помеѓу Националната агенција за истражување и развој RIKEN и технолошкиот гигант Fujitsu

Истражувачи од Јапонија развија квантен компјутер со еден од најголемите број на кубити досега – вкупно 256. Компјутерот е резултат на соработка помеѓу Националната агенција за истражување и развој RIKEN и технолошкиот гигант Fujitsu.

Квантните компјутери користат субатомски честички наречени кубити, кои, за разлика од класичните битови, можат да постојат во повеќе состојби истовремено. Суперспроводливите квантни компјутери се една од водечките технологии во оваа област, со компании како Google, IBM и Rigetti кои активно ги развиваат.

Што значат 256 кубити?

Поголем број на кубити значи потенцијално поголема пресметковна моќ. За споредба, Google користи 70 кубити во својот процесор Sycamore, додека IBM има развиено 1.121-кубитен процесор, Condor, кој сè уште не е достапен за поширока употреба. Сепак, експертите предупредуваат дека квалитетот на кубитите е исто толку важен како и нивната бројка.

Револуционерна густина

Јапонскиот тим успеал да вгради 256 кубити во иста физичка структура што претходно содржела само 64 – четирикратно зголемување на густината. Тоа е постигнато преку напреден термален дизајн и тродимензионална (3D) поврзаност на таканаречени „единични ќелии“ со по четири кубити.

„Со оваа 3D структура, можеме да ја скалираме големината на чипот без потреба од нов дизајн,“ изјави Јошијасу Дои, виш истражувач во RIKEN-FUJITSU центарот за квантна соработка.

Надминување на термалните бариери

Квантните компјутери мора да работат на екстремно ниски температури – блиску до апсолутна нула. Новиот систем функционира на 20 миликелвини. За да се спречи прегревање, инженерите успеале да ја намалат потрошувачката на енергија од засилувачите за 60%.

Клучен чекор кон 1.000 кубити

Fujitsu најави дека до 2026 година ќе развие квантен компјутер со 1.000 кубити – значаен чекор кон целта на индустријата: квантен компјутер со еден милион кубити, неопходен за решавање реални, сложени проблеми.

„Мораме да се движиме чекор по чекор. 1.000 кубити се клучен меѓучекор кон систем со еден милион кубити,“ вели Дои.

Пристапен преку cloud

Новата квантна платформа со 256 кубити е достапна преку облак и може да се користи од научни институции и компании ширум светот. Fujitsu веќе соработува со четири јапонски компании од различни индустрии, а планира глобално проширување.

Квантните компјутери ветуваат напредок во областа на медицината, финансиите и дизајнот на нови материјали. Сепак, експертите се согласуваат дека до практичната примена има уште долг пат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни