Јаник Синер испиша историја – првпат шампион на Вимблдон

Најдобриот светски тенисер, Италијанецот Јаник Синер, е новиот шампион на Вимблдон, победувајќи го Шпанецот Карлос Алкараз со 3:1 во сетови (4:6, 6:4, 6:4, 6:4) по три часа и четири минути врвен тенис.

Ова е прва титула на Вимблдон за Синер, кој воедно стана и првиот Италијанец што успеал да го освои најпрестижниот тениски турнир на светот. За Алкараз, пак, ова беше прв пораз во Грен слем финале, по пет последователни победи.

Финалето започна драматично: Синер прв направи брејк и поведе со 4:2, но Алкараз возврати со четири гема по ред и го освои првиот сет со 6:4. Вториот сет го отвори Синер со брејк во првиот гем, кој го одржа до крајот за 6:4 и израмнување на 1:1 во сетови.

Во третиот сет повторно се играше изедначено до 4:4, кога Синер направи клучен брејк и поведе со 2:1 во сетови. Четвртиот сет го отвори со брејк во третиот гем, а во осмиот гем одбрани две брејк топки, со што го задржа водството и го затвори натпреварот со уште едно 6:4.

Со оваа победа, Синер не само што ја потврди својата доминација на АТП листата, туку и влезе во историјата како првиот Италијанец што се закитил со титула на Вимблдон – легендарниот терен каде се испишуваат најголемите страници од тениската историја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни