Трн: Себеси се опишуваш како…
Јане: Себеси најчесто се опишувам ако ентузијаст, љубител, студент по филозофија и трагач по вистината преку искуството.
Трн: Музика, или филм? Со што се будиш, а со што заспиваш?
Јане: Искрено, заспивам и се будам со добра книга или текст. Читам многу, читам редовно претежно философска литература, музички биографии, филмолошки студии и гностицизам.
Трн: Документарниот филм ти е, очигледно, драг. „Гето 103“, „Фолтин се јави“, „Бадмингтонс“ и „The Hip – Reality Overdrive“ се филмови за луѓе, бендови и институции кои оставиле уникатен отпечаток, поинаква стпалка во песокот. Дали се доживуваш како историограф, филмаџија, или можеби и музеолог кој каталогизира една област?
Јане: Се доживувам како некој што ги комбинира филмскиот и историографскиот повик преку константна работа и презентација. Зачувување од заборав и музејски пристап на знаење и повторно ќе споменам, искуство.
Трн: 103ка е една од пожилавите културни појави која се чини, едноставно не умира. Во која форма постои радиото сега? Дали постои амбиција, или план за некоја посуштинска ревитализација на 103ка?
Јане: Радиото постои како интернет станица, и сеуште нуди висококвалитетна програма и внимателно селектирана музичка содржина. Секако дека постои амбиција, па и конкретен план за ревитализација меѓу радискиот тим…но надлежните институции од кои зависи тоа рестартирање и нормализирање на статусот се едноставно незаинтересирани, глуви и слепи, целосно игнорантски настроени кон еден феномен кој е многу повеќе од само локален.
Трн: Кој е работниот наслов на филмот кој отсекогаш сонуваш да го снимиш?
Јане: Работниот наслов на тој филм е СИВА ЗОНА. Тоа е проект за долгометражен филм на кој веќе некое време работи и размислува продукцијата со која активно соработувам РЕАЛ ФИЛМ, моите драги пријатели и колеги Ратко Букшиќ и Александар Касапинов. Најискрено се надевам дека во некоја блиска иднина ќе успееме да го истуркаме овој психолошки трилер. А би сакал и да продолжам да работам на музички филмови оплеменети со стратегијата на експерименталното кино.
Трн: Живееме во ера во која национализмот, шовинизмот и алт-десницата земаат замав и масовност. Мирко Попов отелотворуваше цврст гард спорти нив, но сега Мирко веќе го нема.
Јане: Мирко Попов веќе го нема, а нам, на неговите колеги и соборци ни преостанува да продолжиме, со истата упорност да се спротиставуваме на негативните тенденции кои се обидуваат да не вратат во некој нов, среден век. Преку постојана работа, подршка, комуникација, дружба и позитивна енергија.
Трн: Дали ќе го судиме господ во некој логор, или ќе се обидеме да не нѐ пикнат во логор? Како ќе се документира и кој ќе ја документира иднината?
Јане: Мора да дадеме се од себе, да дадеме максимум и да не дозволиме да не пикнат во логор, сите ние кои размислуваме и изледаме поинаку. Прогресот е само и исклучиво во новото, различното, посебното. И да, треба да се избориме и да ја документираме иднината, нашата иднина.
Трн: Излегуваат некои нови момци и девојки на културната сцена, некои велат: најновиот нов бран.
Јане: Навистина, излегуваат нови прекрасни млади луѓе, полни со енергија, знаење, талент. Секогаш се радувам во нивно друштво. Тие се новиот бран, новата урбана култура во нашава зачмаена средина.
Фото: Лени Вон Гелева