Јакимов е избран за претседател на Сојузот на средношколци, најави новитети во функционирањето

Јакимов од септември ќе учи трета година, а мандатот ќе му трае додека не го заврши средното образование

Сојузот на средношколци доби нов претседател, а тоа е Виктор Јакимов, ученик од средното приватно училиште „Нова“ од Скопје.

Тој беше избран на 25. Генерално собрание и четвртиот конгрес на Сојузот, настан одржан во Собранието на Македонија.

Јакимов од септември ќе учи трета година, а мандатот ќе му трае додека не го заврши средното образование.

Во разговор со Радио МОФ, новиот претседател најави две нови важни работи, односно градење на платформа за едукативни ресурси и реструктуирање на Сојузот на средношколци.

„Првата е градење на платформа, каде ќе има едукативни ресурси за сите средношколци. Таа ќе им помага да се припремаат за тестови. Платформата ќе има форум, квизови, мок тестови итн. Втората е реструктуирање на Сојузот за поефикасна работа и, едноставно, сите да бидеме поактивни“, посочува Јакимов.

Реструктирањето, објаснува тој, ќе значи повеќе состаноци и зголемување на нивната продуктивност, а планира да се додадат и нови комисии, кои, како што вели, ќе покриваат различни теми.

„Ова значи, поголем број од нашите младински амбасадори и членови ќе можат да присуствуваат во работа на Сојузот. Исто така, планираме една комисија само за тренинг на младинските амбасадори и членовите. Таа комисија ќе ги информира за се’ што се случува во Сојузот на средношколци, проектите што ги работиме и иницијативите кои ги поддржуваме“, нагласува Јакимов.

Во однос на превозот за учениците, тој вели дека ќе продолжи каде запреле неговите претходници Берим Мухамед и Лука Павиќевиќ, откако и Уставниот суд се произнесе дека треба бесплатен превоз за сите средношколци, без разлика дали се од јавни или приватни средни школи. Тој процес закочи на линија МОН – Град Скопје.

„Ќе пробаме да работиме со надлежните институции, за на крај дојдеме до решение на проблемот. Уставниот суд укажа дека постои дискриминација (меѓу ученици од приватните и јавните)“, нагласува тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни