Јадро: Пет години креативност и културни иновации на третото издание на Маалски фестивал

Вчера, со свеченото отворање на третото издание на Маалскиот фестивал, културниот центар и културната асоцијација Јадро ја прославија петгодишнината од своето постоење. Фестивалот стартуваше со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, која беше отворена во 20 часот и ја прикажа приказната на Центарот како колективно создадено уметничко и културно место.

„Културата како јавно добро“

Под слоганот „Културата како јавно добро“, во изминатите пет години, КСП Центар – Јадро стана место за запознавање, активно делување и инспирација за уметниците, културните работници и локалната заедница. „Тргнувајќи со муралот на фасадата, кој секоја година се обновува, и продолжувајќи со интердисциплинарната програма и бројните едукативни работилници, едукативните и уметничките програми секогаш биле во срцето на Центарот. Нашата цел е да создадеме простор каде што уметноста се обликува според потребите на колективот,“ посочи тимот на Центарот.

Колективно музичко опуштање

По отворањето на изложбата, официјалниот дел на фестивалот продолжи во Паркот на Франкофонија со колективно музичко опуштање. На сцената прво настапија дуото Букршлиев-Томевски, по што следуваа македонскиот бенд „Мојра“ и квартетот Спировски/Новковски/Танасковски/Џорлев, кои со своите настапи ја заживеаја атмосферата на фестивалот.

На отворањето се обратија основачката на Јадро Асоцијацијата на независната кѕултурна сцена Искра Гешоска, актуелниот претседател на Јадро Асоцијација Артан Садику и првата директорка на КСП „Центар – Јадро“, Јасмина Билаловиќ.

Гешоска посочи дека највредно од оваа приказна е заедништвото и упорноста да се промени концептот во политичкиот систем во којшто навистина ќе бидат рамноправни оние што се креатори на политички одлуки и граѓанскиот сектор.

„Би  инсистирала да не се заборави зошто толку макотрпно се боревме за да се создаде оваа приказна, а тоа е заедништвото. Не беше едноставно, ни беше збунувачки, се конфронтиравме меѓусебно, ама пак тоа е заедницата, за такви заедници сонуваме.  Коишто ќе се конфронтираат, а сепак ќе произведуваат нови наративи. Мислам дека изведовме еден поинаков наратив, а мисијата сега треба да ни биде да го одржиме. Ќе видиме како тоа ќе оди понатаму, но сега за сега мислам дека функционира“, истакна таа.

Актурелниот претседател на Јадро Асоцијација, Артан Садику се осврна на неколкуте обиди за вклучување на Асоцијацијата во процесите на креирање на новиот Закон за култура, притоа нагласувајќи дека како што се комплицираат политичките и економските услови во државата, регионот и на меѓународно ниво, првата жртва врз која паѓа товарот е секогаш културата. 

„Едиствено нешто што мене да ми дава поттик е дека ние уште постоиме како Асоцијација на доста активни членки кои итекако имаат знаење, искуство и мотив за да продолжат да ја држат оваа сцена во живот, па понатаму и да ја развијат, бидејќи само со таква сцена општеството ќе има поприсутна култура која е критичка за разлика од култуирата која е детерминирана од страна на власта. Сакам да им се заблагодарам за сите членки на Јадро за нивниот интерес кои индувидуално допринесува за одрѓување или за развивање на незавинста културна сцена“,истакна Садику.

Во рамките на нашата посета, имавме можност да разговараме со Јасмина Билаловиќ, првата директорка на КСП Центар – Јадро. Таа сподели детали за суштината на формирањето на центарот и за значењето на неговото делување во заедницата. „Центарот е создаден со цел да биде место на културна размена и иновации, каде што уметниците можат да се сретнат со граѓаните и да создадат заеднички уметнички содржини,“ истакна Билаловиќ.

Така, Маалскиот фестивал не само што го прослави патот на КСП Центар – Јадро, туку и ја зајакна својата улога како важен дел од културниот живот во локалната заедница.

Трн: Чија беше идејата и иницијативата за формирање на Јадро?

Јасмина: Идејата и иницијативата за формирање на социо културниот центар Јадро е на Јадро асоцијација, мрежа, која е дел од независната културна сцена и која формално се конституираше 2012 година и уште од самиот почеток имаше две главни цели, при што првата беше формирање на цивилно јавно партнертсво. Прва од таков вид во нашата земја. И за оваа иницијатива Јадро најде парнер во општина Центар, кој влезе како соосновач и заедно ја формираа установата. Имаше неколку фази во реализацијата и материјализацијата на оваа идеја и приказна наречена центар Јадро. Прво беше потпишан акт за основање меѓу основачите во 2015 година, потоа во 2017 година институцијата беше регистрирана во Централниот регистар и веќе во 2019 ги имавме првите вработувања, а од 2020 веќе почна да функционира и просторот.

Трн: Кои се придобивките од ваков вид партнерство ?

Јасмина: Јадро е прва установа од тој тип, модел на цивилно јавно партнерство во областа на културата, но и пошироко на нашата држава и второ од таков тип во регионот. Идејата е да реагира на сите тие застарени културни политики од една страна, недостатокот на простор и достапност, затвореноста всушност на јавните установи, партизацијата во делот на културата и генерално во општеството исто така комерцијализацијата на културата и реагирајќи на сите овие непожелни појави, Јадро го поддржува творештвото кое што е експериментално, социјално ангажирачко и критичко. Истовремено нуди нови одржливи модели на управување кои адресираат партиципативност и исто така креираат слободен безбеден простор за сите чинители на независната културна сцена, пошироката културна сцена, поширокиот граѓански сектор, за локалната заедница. Го нуди тој простор каде што ќе можат да се развиваат и да се реализираат програмите од интерес на заедницата, како локална така и уметничка.

Трн: Како се одржува?

Јасмина: Двата основачи имаат свој сет на обврски во функционирањето и одржувањето на културен центар Јадро. Обврската на општината како соосновач е да го обезбедува просторот општински даден на установата и основното финансирање, основните плати на тимот кој е трочлен и тековните трошоци, а од друга страна Јадро асоцијација преку своите членки учествува во креирање на програмата. Но, отворени сме и за друг вид програма. Просторот може да го користи било кој актер, чинител од независната културна сцена и од поширокиот граѓански сектор бидејќи има многу од граѓанскиот сектор кои ја користат културата како алатка.

Јадро исто така е поддржано и од Министерството за култура, и тоа во делот на интердисциплинарни проекти , и тоа секогаш беше многу значајно. Сме биле препознаени и од многу донатори во текот на работењето.

Трн: Како поранешен директор како гледате на развојот на овој центар и кои елементи би ги издвоиле како клучни?

Јасмина: Навраќајќи се на овие пет години, ретроспективно имам некои двојни чувства, од една страна изгледа како вчера да беше кога го отворавме центарот, енергијата и ентузијазмот на секоја една добра приказна е тука, беше присутен, а во меѓувреме толку многу се создаваше, се поддржа што изгледа како да поминале три животи во овие пет години. Можеби една од најзначајните придобивки е точно тоа дека актерите на независната културна сцена добија свој простор кој што е достапен, отворен, слободен и бесплатен за нивните програми, тоа е многу значајно за нашата независна културна сцена која секогаш кубури со ресурси, финансиски, човечки итн. Јадро не го наплаќа просторот ако е во склад со мисијата и визијата на установата иправилата за користење на просторот кои се јасно наведени на веб страницата, просторот е апсолутно достапен. Друга работа е дека тука интердисциплинарноста е многу важен предзнак и дека различни уметници од различни дисциплини реализирајќи тука програми содржини се запознаа и започнаа да соработуваат. Исто така, спојот на уметниците и локалната заедница, значи просторот е отворен за активности, содржини од самата локална заедница. Маалскиот фестивал е  еден таков пример каде се спојуваат и современите уметници од независната сцена соработуваат со локалната заедница.

Програмата на Маалски фестивал ја подготви тимот на Јадро и исто така членките на Јадро асоцијацијата. Бидејќи предзнакот на Јадро е современа култура и уметност, не ги исклучуваме ни оние кои се институционални културни работници бидејќи и на тие што работат во јавни установи им недостасува таков контекст каде можат да истражуваат, учат, да се надоградуваат во тој правец, не исклучуваме никого. Експерименталното творештво е одлика на центар Јадро, но пред се Јадро е формиран за оние кои немаат можност, тие имаат предност.

Многу настани поминале низ овој културен центар Јадро, а изложбата која е поставена е повеќе архивски поставена каде се следи активноста и бројот на настаните на Јадро. 2020 беше почеток на работата на Јадро и таа година се одржале 18 јавни настани, во 2021 тој број расте на 33, 2022 изнесува 42, 2023 е дури 65 настани, а тековната која се уште не е завршена, до овој момент има 31 јавен настан.

Трн: Зошто сметате дека е важен овој центар за развојот на културата кај нас?

Јасмина: Затоа што е добар пример каде треба целокупниот културен сектор да се движи, во смисла нуди еден модел на обезмоќување на партиските влијанија, со самиот модел на постоење. Сите зборуваме за таа департизација и колку е потребна, ова е еден таков пример, кој се надевам не само што ќе расте во оваа пстоечка установа, туку дека ќе се мултиплицира и во други градови и во други општини затоа пто сметам дека е насушно потребно. И таа слобода во програмирањето е исто така мошне важна, дека креативците можат и го имаат уделот во креирање на програмата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни